×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Вакцините против ковид не содржат отров

    09.11.2021 10:10 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Вакцините се безбедни, ефикасни и развиени на безбедни платформи. Пред нивната апликација спроведени се низа тестирања од кои е утврдено дека придобивките од вакцината далекусежно ги надминуваат несаканите ефекти. На официјалната веб-страница за вакцинација во земјава може да се прочитаат состојките на сите вакцини кои се администрираат во С. Македонија

    Вакцините против ковид не содржат отров Фото: pixabay.com

    Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека вакцините се отровни. Иако експлицитно не се наведува видот на вакцината, сепак, поради тоа што повеќепати од страна на антивакцинални кругови е проширена дезинформацијата дека вакцините против ковид-19 се отровни, а и поради контекстот на масовна имунизација против ковид, може да се заклучи дека се алудира на овие вакцини.

    Арно ама, не е вистина дека вакцините против ковид содржат отров. Во минатото во повеќе различни наврати, се тврдеше дека ,,отровот” потекнува од различни места , на пример, дека вакцините содржат отров од змија ѕвечарка, но и дека спајк протеинот којшто се создава по инјектирањето на дозата е изворот на ,,отровот”.

    Ниту едното, ниту другото не е точно.

    Прво, за ензимот од змијата ѕвечарка. Спроведена е научна студија, во која се покажало дека колку опасна ќе биде болеста ковид-19, ќе зависи од еден ензим кој, пак, се вклучува во инфламаторниот одговор. Меѓутоа, во вакцините ниту го има овој ензим ниту, пак, студијата спомнува дека го има!

    Научниците од „Стони Брук Универзитетот“ во Аризона, дошле до сознание дека ензимот наречен фосфолипаза А2 група IIA, (познат и како sPLA2-IIA), може да биде најважниот фактор што предвидува кои пациенти со тешка форма на ковид му подлегнуваат на вирусот.

    Ензимот  sPLA2-IIA е сличен на тој што се содржи во невротоксинот на змијата ѕвечарка и може да ги уништи мембраните на клетките. Во здрави индивидуи, овој ензим се содржи во ниски концентрации, затоа што е клучна одбрана против бактериска инфекција. Но, во високи концентрации активираниот ензим може да ги уништи мембраните на виталните органи, вели Флојт Чилтон, автор на студијата. 

    Со други зборови, тој ензим се обидува да го убие вирусот, ама во одреден момент е ослободен во толку високи концентраци, што работите почнуваат да одат во многу лош правец, уништувајќи ги мембраните на клетките на пациентот, а со тоа и се допринесува за мултисистемско откажување на органите и смрт, истакнува тој.

    Здравите луѓе имаат нивоа на ензимот sPLA2-IIA од половина нанограм на еден милилитар крв, ама наодите од студијата покажуваат дека инфекцијата ковид-19 била смртоносна (летална), за 63 проценти од пациентите кои имале тешка форма на ковид-19 и нивоа на sPLA2-IIA еднакво или повисоко од 10 нанограми на милилитар крв.

    Во вакцините овој ензим го нема, ама студијата беше злоупотребена за да се протне токму тоа тврдење!

    Дезинформацијата дека во вакцините против ковид има отров, ја разгори и канадскиот лекар Бирам Бридл во овој видео материјал.

    Долго време знаевме дека спајк протеинот е токсин што е штетен и може да предизвика штета ако влезе во циркулацијата. Сега имаме докази дека вакцините што прават нашето тело да произведе спајк протеин, односно вакцината и протеинот потоа влегува во циркулација. Тој спајк протеин потоа се врзува за клетките и може да предизвика тромбови или крварење, вели Бридл во своето излагање.

    Ова тврдење е дезинформација од две причини. Прво, спајк протеинот што се создава во организмот по вакцинацијата не е ист со оној на коронавирусот. Второ, дури и кога би бил ист, тој е во многу, многу помали дози отколку оној на коронавирусот. Повеќе за ова прочитајте на следниот линк.

    Вакцините се безбедни, ефикасни и развиени на безбедни платформи. Пред нивната апликација спроведени се низа тестирања од кои е утврдено дека бенефитот од вакцината далекусежно ги надминува несаканите ефекти. Овде може да прочитате за составот на сите вакцини кои се администрираат во Република Северна Македонија.

    Понатаму, антивакциналните кругови проширија и дезинформација дека во вакцината има состојки како графен оксид или луцифераза, наводно отровни за човековиот организам. И тоа се покажа како невистина.

    „Асошиејтед Прес“ и нивниот сервис за проверка на факти пишува дека луцифераза е генерички термин за група ензими коишто предизвикуваат оксидација на хемикалии наречени луциферини, коишто продуцираат видливо светло. Ензимот во интеракција со луциферините од инсектите (светулките), предизвикува тие да светат.

    Зборот луцифераза има корен во латинскиот збор Луцифер, кој значи „светлоносец“. Иако ензимот луцифераза има слично име со „ „ѓаволот- олицетворението на злото во многу религиозни приказни“, единствената конекција меѓу луцифераза и Луцифер е во коренот на нивните имиња.

    „Асошиејтед прес“ додава дека луцифераза не може да се најде како состојка во вакцините против ковид-19, но дека ензимот се користи во некои истражувања за ковид-19, затоа што неговата карактеристика да ослободува светлина може да им помогне на научниците визуелно да следат како вакцините и вирусите влијаат на клетките. На Универзитетот во Тексас, луциферазата помага да се забрза дијагностичкото тестирање за ковид-19,затоа што им дозволува на истражувачите да го видат присуството на антителата побрзо отколку кога би користеле други методи.

    И „Ројтерс“ пишува дека во ниедна вакцина која се администрира против ковид нема луцифераза.

    И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во С. Македонија, нема луцифераза како состојка.

    Ниту графен оксидот не е во листата на состојки во вакцината против ковид-19.

    Бидејќи главната компанија којашто е обвинувана неосновано и небазирано на ниеден хемиски или медицински доказ дека во вакцините има графен оксид, е „Фајзер“, оттаму се огласија и официјално ја демантираа дезинформацијата. Претставник на „Фајзер“ за „Асошиејтед прес“ изјавил дека во нивната вакцина нема графен оксид.

    Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека во вакцините против ковид има отров како што лажно се тврди во постот што го рецензираме.

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар