×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Клубовите и граѓаните бараат побрзо да се отворат тениските терени, Општината најавува за 1 јуни

    21.05.2020 10:41 | KumanovoNews

    Тениските терени во Куманово се` уште не се ставени во функција и покрај тоа што Владата на 12 мај донесе одлука дека се создадени услови да се започне со индивидуални тренинзи на отворено, кажуваат од тениските клубови во градот.

    Клубовите и граѓаните бараат побрзо да се отворат тениските терени, Општината најавува за 1 јуни

    Тие тврдат дека Општината која што стопанисува со овие спортски терени го развлекува отворањето и се однесува неодговорно на штета на љубителите на тенисот.

    „Сакаме да ги вратиме децата на нивните тренинзи што поскоро, бидејќи се создадоа услови за тоа. Сепак, од големо значење е што во овој период може барем некој спорт да се практикува. Во другите градови веднаш се пуштија терените, не знам зошто им треба толку време кај нас“  вели Фидан Арсовски, тениски тренер.

    Во Куманово постојат 6 тениски терени, од кои 2 се оштетени и не можат да се користат, а останатите 4 се под клуч. Професионалните и рекреативни љубители на тенисот апелираат побрзо да се реагира.

    „Таквиот однос кон спортот и развојот на младите е недозволив. Терените треба да служат за рекреација и усовршување на таленти, а не за шетање на миленичиња и фрлање на отпад. Голем проблем е и тоа што не се отворени за време на државните и верски празници. Тогаш луѓето имаат време и планови за спортување, но тоа им е оневозможено“, додава Арсовски.

    Од Одделението за спорт и култура во Општина Куманово, велат дека тениските терени ќе започнат со работа на 1 јуни, откако ќе се направат техничките подготовки, а Советот на Општината ќе го потврди терминот и ќе ја одреди цената за користење за оваа година.

    „Седницата ќе се одржи на 27 мај и тогаш ќе се донесе конечната одлука и протоколите за работа коишто ги препорача Комисијата за заразни болести, поради епидемијата со коронавирус. Пред да започнат тениските клубови со тренинзи ние мора да ги создадеме потребните услови за непречено функционирање. Исто така треба да се  почитуваат протоколите за тренинзи, а тоа некој мора да го контролира.  Ние ова им го кажавме на луѓето од тениските клубови и мислам дека треба да бидат стрпливи уште неколку дена“,  изјави Цоки Ристевски, раководител на Секторот за култура и спорт.

     Тој додава дека веќе е започнато чистење, миење и дезинфекција игралиштата, треба да се поправи металната ограда и да се постават мрежите на терните, а ЈП „Чистота и зеленило“ работи на средување на околината.

    Спортските работници, исто така, бараат и санација и редовно оддржување на двата руинирани терени на Градскиот кеј.

    Четирите тениски терени кај Спортската сала се дадени на користење на Општината од Агенцијата за млади и спорт во 2016 година.

    ( Дарко Давитковски)