02. 09. 2020 15:54

Кумановските атлетичарки се закитија со четири медали на Националното првенство за млади

Кумановските атлетичарки се закитија со четири медали на Националното првенство за млади

Aтлетичарките на Атлетскиот клуб Куманово на Националното првенство за младинци, коешто се одржа во Скопје, се закитија со четири медали.

Марија Дувлис беше најуспешна на трката на 100 м пречки и втора со нов личен резултат во скок во далечина. Дијана Вукановиќ со убедлив резултат беше прва на трката на 400 м. Теа Алексовска освои трето место во фрлање ѓуле.

Филип Колевски, тренерот на АК Куманово, ја нагласи важноста на личните рекорди кои секогаш значат напредок, а додаде и дека особено се радуваат бидејќи оваа година ќе имаат и домашни прваци и репрезентативци.

„Секогаш кога има лични рекорди значи има напредок. Дополнително радува податокот дека оваа година имаме државни прваци и репрезентативци. Не` очекува Државно сениорско поединечно првенство овој викенд, а потоа Балканското првенство за младинци. За поздравување е и резултатот на Теа Алексовска во фрлање диск, која за малку не успеа да го слуши државниот рекорд. Таа е убедливо најдобра во фрлањето диск, но настапи вон конкуренција поради правилата од Федерацијата “, изјави Колевски.

Националното првенство за млади беше со критериумски карактер за претстојното Балканско првенство за Младинци-ки кое треба да се одржи на 12-ти и 13-ти септември во Истанбул. Атлетичарката Дијана Вукановиќ со постигнатиот резултат успеа да се избори за место во Македонската репрезентација за претстојното првенство во Турција.

(Ф.Марковска)


2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk