18. 06. 2020 12:17

Нов Велосипедски клуб „Крос Сајклинг“ Куманово

Нов Велосипедски клуб „Крос Сајклинг“ Куманово

Во Куманово започна со работа нов Велосипедски клуб „Крос Сајклинг“, кој се наоѓа во трговскиот центар во населбата „Гоце Делчев“.

Во клубот можат да членуваат велосипедисти од сите генерации, а моментално најмладиот член има 12 години. Дисциплини кои највеќе ги практикуваат се: планинскиот велосипедизам и крос-кантри трките.

„Идејата ја имам уште од моето детство, во средината на деведесеттите години кога бев член на тогашен Велосипедски клуб Куманово. Тренирајќи таму, секогаш си велев дека доколку некогаш имам можност ќе формирам свој клуб. Во минатото, по иницијатива на неколку различни генерации беше поставен камен темелник за современи велосипедски простории, но проектот никогаш не се реализираше до крај“, вели Емил Цветанов, основач и претседател на ВК „Крос Сајклинг Куманово“.

Во клубот членуваат двајца млади успешни велосипедисти, Борис Стефановски кој е државен првак и Дарио Василевски кој е третопласиран во генерален пласман.

Токму поради нив, Емил бил поттикнат што поскоро да го заврши замислениот проект, за да има услови за тренинг во зимскиот период и голем број на инструменти за вежбање и одржување на формата.

Тие најавуваат дека во иднина ќе се доопремат со справи за физичка подготвеност пред се за најмладите членови.

„Во просториите имаме лента за трчање, степер, справи за фитнес, како и повеќе видови тренажери за возење на велосипеди во затворено. Би ги издвоил и двата смарт тренажери, најнови и најсофистицирани симулатори, кои приклучени на компјутер ви го заменуваат возењето на отворено“, потенцира Цветанов.

Од клубот ги охрабруваат младите да бидат активни, да спортуваат и слободно да ги контактираат на нивната Фејсбук страна и доколу се заинтересирани да бидат дел од нивната екипа. Тие се надеваат дека клубот ќе напредува и расне во иднина, и ќе го достигне нивото на еден од поголемите во државата.

(Д.Давитковски)


Нов Велосипедски клуб „Крос Сајклинг“ Куманово

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk