02. 06. 2020 09:44

Отворени тениските терени – цените исти како минатата година

Отворени тениските терени – цените исти како минатата година

 За спортистите и рекреативците од вчера се отворени тениските игралишта кај спортската сала, откако Советот на Општина Куманово донесе одлука за цената и условите под коишто ќе се користат во оваа година.

За еден час користење на терените од 8 до 16 часот ќе се плаќа 100 денари, од 16 до 20 часот 200 денари, а 20 до 22 часот триста денари.

Советниците прашуваа за начинот на кој се одредува висината на влезниците, и дали има услови за корекција.

 Раководителот на Секторот за култура и спорт Цоки Ристевски, кажа дека цените се формирани на најниско можно ниво и достапни се за сите граѓани, при што побара да останат исти како минатата година.

Како еден од проблемите, граѓаните го посочуваат неработењето на терените за време на државните и верските празници, бидејќи тогаш имаат слободно време за рекреација. Ова прашање го актуелизираше советникот од ГРОМ, Зоран Петрушевски.

„Мислам дека не е добро терените да бидат затворени за време на празниците. Што се однесува до цената, мојот предлог е да се намали дури за 50 отсто во текот на денот, а во вечерните часови може и да се зголеми доколку има потреба“, посочи Зоран Петрушевски.

Ристовски вели дека терените не можат да работат за време на празниците, бидејќи тоа ќе предизвика дополнителни трошоци за Општината.

(Д.Давитковски)

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk