Адвокатите бараат помилување за Дедо Љубе
Во Основниот суд Куманово вчера се одложи судскиот процес против Љубомир Митев(78), од кратовското село Којково, кој во самоодбрана во својата куќа застрела двајца разбојници, од кои едниот го усмрти, а другиот го рани, бидејќи го малтретирале и сакале да го ограбат.

Судењето беше одложено по барање на одбраната, бидејќи не била доставена поканата и обвинителниот акт, па адвокатот на Дедо Љубе не беше запознаен со содржината по дополнително спроведената истрага.
Дедо Љубе дојде во судница, по што изјави дека сеуште има последици од измачувањето на разбојниците.
„Левата рака ми е исчашена од раме, ми ја оперираа ама не ми ја наместија, ме боли и ништо не можам да работам со неа. И вратот ми е повреден. Колку сум јас писмен мислам дека немам вина, ме нападнаа дома. Но тоа е судска работа и судот ќе донесе одлуката. Јас се надевам дека правдата ќе победи“, -изјави Дедо Љубе по судењето.
Разбојништвото се случи на 27 февруари 2013 година во куќата на Дедо Љубе во планинското село Којково, кога двајцата натрапници насилно влегле во нивниот дом и почнале да се изживуваат и да бараат парите. Старецот го искористил нивното невнимание, се одврзал и од подрум земал ловечката пушка од која пукал. Притоа го убил Зоран Златков (28) и го ранил Борчо Иванов (30) од Кочани.
Дедо Љубе е обвинет за три кривични дела: убиство во миг, убиство во обид и недозволено поседување на оружје.
Адвокатот Христијан Георгиевски смета дека постојат повеќе олеснителни околности, како и основи за ослободување и исклучување од кривична одговорсност на Дедо Љубе, поради нужна одбрана. Тој поднел барање за помилување на Дедо Љубе, како што имало други случаи во минатото, како и иницијатива за измена на законот во делот на употреба на оружје при самоодбрана.
„Имаме поднесено неколку иницијативи, прво за измена на Кривичниот законикот во дел на ослободување од кривична одговорност при употреба или поседување на оружје искористено во нужна одбрана или крајна нужда, а втора користење на одредби од Законот за помилување во делот на исклучување на водење на кривична постапка, упатени до министерот за правда и претседателот на државата. Сметаме дека со подршка на Владата ќе успееме, бидејќи изведување на граѓаните пред Судот, независно од конечниот исход, претставува стрес за нив. Веруваме дека правдата ќе победи, но да го заштитиме Дедо Љубе на стари години да не се влечка по судови, и да го оставиме да си ги проживее годините во мирна старост“, - изјави Георгиевски.
Наредното судско рочиште е закажано за крајот на февруари.