Биенална изложба на цртеж “Скици 2017“ во Куманово
Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, утре во 20 часот ќе биде отворена биеналната изложба на цртеж “Скици 2017“.

Учество на оваа изложба ќе земат уметниците: Дејан Арсовски Бабата, Марија Валичковска, Зоран Јакимовски, Зоран Арсовски Бабата, Стефан Јакимовски, Ана Јовановска, Далибор Крстевски, Симона Јакимовска, Борис Кукуњавски, Бране Величковски, Страхил Петровски, Вера Тодоровска, Трајко Тошевски, Владимир Величковски, Марина Цветановска Мартиновска.
„Своето седмо издание, биеналната изложба на цртеж “Скици 2017“ ќе го одбележи со отварањето на вратите за сите ликовни уметници, бидејќи досега учество земаа само академските сликари. Идејата да му се даде масовност на проектот ќе донесе уште поголема разновидност во однос на идеите и решенијата коишто ќе бидат понудени од страна на учесниците, имајќи го во вид фактот дека цртежот отсекогаш добивал посебен третман условен од влијанието на ликовно-техничката дисциплина во којашто уметникот се изразува- вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Изложбата содржи 24 цртежи работени во повеќе техники а истата ќе биде поставена до 20.10.2017.
Проектот “Скици 2017“ е поддржан од Министерството за култура, а како организатор и координатор се јавува НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово.