Биенална изложба на дела од ликовната колонија „Куманово“
Во Уметничката галерија Куманово вечерва ќе биде отворена биеналната изложба на слики и скулптури од ликовната колонија „Куманово“.

Пред публиката ќе се изложат делата од ликовните колонии од 2016 и 2017 година.
„Бидејќи вечерашнава манифестација има биенален карактер, изложбата ги подразбира резултатите од последните две сесии на кои учество зедоа 27 ликовни автори од Македонија и светот и оставија повеќе од 50 дела. Како домаќини, во прекрасниот амбиент на с. Пелинце имавме гости од Франција, Романија, Србија Бугарија, Турција и секако од Македонија, кои се веќе потврдени и афирмирани автори во ликовната јавност и чии што дела ќе ја збогатат и оплеменат збирката на ликовни дела која веќе ја надминува бројката од 800 дела од слики и скулптури“, - изјави Драгана Спасовска од Кумановскиот музеј.
Изложбата ќе ја отвори градоначалникот Максим Димитриевски.
Ликовната колонија Куманово ја организира НУ Музеј – Куманово и Општина Куманово, а се одржува во Меморијалниот комплекс на АСНОМ. Колонијата се одржува веќе петта деценија, почнувајќи од 1974 година, и се вбројува во редот на најстарите колонии во Македонија.
Отворањето е закажано во 19.30 часот.