Бобан Илиќ осуден на 6 години, таткото на Алмир на 6 месеци затвор
Бобан Илиќ, кој пред две години го прегази 4 годишниот Алмир Алиу е осуден на 6 години затвор, поради сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Кривичниот совет во Основниот суд Куманово ги прогласи за виновни и ги осуди на 6 месеци затвор и таткото на детето Седат Алиу, а на по 9 месеци Сами Демири и Абдула Алиу, заради сторено кривично дело насилство.
Во казната на Бобан Илиќ му се пресметува и времето поминати во притвор од 22 месеци. На изрекувањето на пресудата не присуствуваше ниту еден од осудените, а право на жалба имаа во рок од 15 дена.
Од семејството Алиу не се задоволни од пресудата и најавија дека против обвинителката и судечката судијка ќе поднесат кривична пријава.
Адвокатот на семејството смета дека станува збор за монтиран случај, уште еден во низата во македонското судство.
„Навистина е засрамувачки казна од 6 години за такво сериозно дело. Иако сите не убедуваа дека согласно законот за кривична постапка и кривичниот законик казната е овде предвидена од 4 до 20 години, видовме дека судот не ги зема отежителните околности, а тоа е губиток на невино дете, па дури и се дрзна да ги осуди таткото, чичкото и братучедот на Алмир. Ова е уште еден во низата монтирани случаеви, на почетокот Јавното обвинителство Куманово, па продолжи со денешната пресуда и Судот во Куманово,“ - изјави Асмир Алиспаиќ, адвокат.
Тој очекувал повисока казна, но се надева дека по жалбата во Апелациониот суд процесот ќе се врати на почеток.
И бранителот на Бобан Илиќ не е задоволен од пресудата и најави дека ќе ја обжали, бидејќи немало вина кај неговиот клиент и очекувал ослободителна пресуда.
Прегазувањето на Алмир Алиу се случи на 25 јуни 2016 година, по банална расправија на членови на семејствата Илиќ и Алиу, пред Здравствениот дом во Куманово.