Богата интернационална активност на Еуро Колеџ
Во пресрет на новата академска година, единствената приватна високо образовна институција во градот Еуро Колеџ, е многу активна на меѓународен план.

Деканот на универзитетот Љубиша Петрушевски, беше во посета на Хокаидо универзитетот во Јапонија, како дел од активностите на Еразмус програмата, во исто време во состав на истата програма професор од Филипинскиот државен универзитет одржа предавања на Еуро Колеџ. Деновите колеџот го посетија и партнери од Малезија, заради интензивирање на соработката.
„Професорот Џулиан Нангпухан од државниот универзитет на Филипини остварува возвратна посета и одржа предавања на нашиот колеџ, откако минатата година неколку наши професори држевме предавања на нивниот универзитет. Се надеваме дека од наредната година ќе отпочнеме и со програма на праќање на студенти во Филипини и доѓање на нивни студенти во Македонија“, - вели деканот Петрушевски.
Од соработката со студентите многу е задоволен и професорот Нангпухан, кој вели дека е среќен што имал можност да дојде во Куманово и да се запознаа со убавините на нашата земја.
„Ифугао универзитетот ја започна соработката со Еуро Колеџ во 2015 година, тоа е државен универзитет со 7000 студенти и 420 вработени.Темата на моите предавања е високото образование во Филипини и неговото влијание на филипинската економија. Следниот чекор ќе биде студенти и професори од Ифугао и Еуро Колеџ да направат возвратна посета и да се запознаат со локалната култура и да ги видат сите предности на еден друг систем на образование и на живеење“, - изјави Нангпухан.
Еуро Колеџ е максимално координиран и успешен во оставрување на Еразмус програмата, со цел нивните студенти да имаат што подобри услови, не само на студирање овде, туку и да престојуваат во некои други средини и да се здобијат со подобра обука и квалификација за работните места.
„Само да кажам дека Хокаидо е 101 универзитет во светот по Шангајска листа, значи еден од најзначајните универзитети во светот. За нас е тоа чест да држиме предавања таму на нивната економнска школа. Се надеваме за неколку години ќе можат наши студенти дел од нивното студирање да го завршат во Хокаидо“, - додава Петрушевски.
Во Куманово престојува и делегација од бизнис училиште од Малезија предводено од директорот доктор Бен Ли, со кое Еуро Колеџ има долгогодишна соработка.
„Со бизнис училиштето од Малезија соработуваме веќе 10 години и запишуваме студенти од Јужна и Југоисточна Азија. Доктор Бен Ли е во посета на нашата институција, да ги види сите предности на студирањето на Еуро Колеџ и да ги пренесе искуствата на нивните студенти. Со добивање на нашата европска диплома студентите гледаат можност да добијат добро вработување, бидејќи е признаена од нивната влада. Голем дел од студентите кои дипломирале на Еуро Колеџ работат на високи позиции. Последната група на постдипломци кои завршија работат за Виетнам-ерлајнс, тоа се пилоти,-додава Петрушевски.
Доктор Бен Ли вели дека нивна задача е да го промовираат Еуро Колеџ на територијата на Малезија, Мирмар, Виетнам и Филипини, бидејќи предност на македонската диплома е што е многу поевтина во однос на британската.
„Овде сме со цел да развиеме стратегија како наредната година да запишеме повеќе студенти, кои ќе можат да се стекнат со некоја од дипломите на Еуро Колеџ. Втората причина е поради тоа што имаме слушнато многу за убавините на Македонија и да ја запознаеме земјата, со цел да го пренесме искуството на идните студенти. Има интерес од нашите студенти, но ние дојдовме овде за да го разбереме европското образование и да најдеме најдобар начин да го промовираме во Азија, - смета Бен Ли.
Средбата на високите странски гости беше искористена и за размена на подароци.