Мени

Борис Стефановски го фати крстот во црквата „Свети Никола“ во Куманово

19.01.2026 10:56 | Сузана Николиќ

Борис Стефановски (22) од Куманово го фати крстот во осветените води во базенот на соборниот храм „Свети Никола”.

 

Борис беше најбрз од педесетина момчиња кои денеска скокаа по крстот.

„Oва е седма година по ред како скокам по светиот крстот. Овој ден за мене е посебен секоја година. Нека е среќен празникот на сите, посакувам најмногу здравје, успех, мир“, изјави Стефановски.

Тој од свештенството на „Св. Никола“ доби икона и свет крст, а подароци му врачија и од Општина Куманово, од бизнис заедницата и од политичка партија.

Стефановски е студент на четврта година на Факултетот за физичка култура, и има уште еден испит до дипломирањето. Очекува оваа година да се вработи.

Оваа година за крстот скокаше и  едно девојче, 10 - годишната Анастасија.

Граѓаните на Куманово денеска масовно го одбележаа празникот Богојавление - Водици во црквата "Св. Никола", и во другите храмови во општината.

Во црквите утринава прво се служеа свети богојавленски литургии, а потоа во базените се одложуваше крстот. 

Борис Стефановски го фати крстот во црквата „Свети Никола“ во Куманово