Ќе ја направиме општина Старо Нагоричене пристојно место за живеење, вети Јовановска
СДСМ одржа митинг во општината Старо Нагоричане и пред граѓаните ја промовираше програмата „Живот за сите“, и кандидатите за членови во Советот на Општина Старо Нагоричане.

Пред присутните се обрати кандидатката за градоначалник Жаклина Јовановска и потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Многу работи кои беа заостанати во изминатиот период започнавме да ги реализираме со цел да го подобриме животот на граѓаните. Изминатиот период многу земјоделци и од Старо Нагоричане не земаа субвенции поради тоа што не припаѓаа на ВМРО-ДПМНЕ, не беа блиски со Стоиљковиќ, не беа блиски со целата таа багра што владееше 11 години со Македонија. Сега заедно со министерот за земјоделие, со заменик министерот Власта Димковиќ, кој вечерва е тука со нас и дава подршка за оваа голема победа, исплативме за овие 100 дена 68,5 милиони евра субвенции на земјоделците и тоа ќе продолжи и понаттаму“, - рече Спасовски.
Јовановска потсети дека Општина Старо Нагоричане е рурална општина, со многу големи финсиски проблеми, кои ги создало предходното раководство.
„ВМРО-ДПМНЕ и ДПСМ не доведоа до ваква состојба и направија милионски долгови во општината, кои тешко ќе ги вратиме сами. Затоа ни е неопходна подршка од централната власт, а во овој момент, за среќа, тука е премиерот Зоран Заев и министрите од нашиот регион, кои ќе ни помогнат да ги надмине овие тешки и неизвесни години. Со директна помош за општините од руралните региони, Старо Нагоричане има реални шанси да продолжи да работи со одблокирана сметка и да започнеме со реализација на проекти, кои општината ќе ја направат пристојно место за живеење“, -изјави Јовановска.
Таа вети подобрување на патната инфраструктура до секое село и маало, решавање на проблемот со водоснабдувањето во општината, уличното осветлување и отворање на селска амбуланта.
„Македонци, Срби, Роми и сите други, секојдневно ги делиме истите проблеми. Затоа треба да се обединиме и заедно да застанеме зад одлуката Нагоричане да добие градоначалник од својата средина. Доста ни беше од луѓе од соседните општини, кои се пријавуваа на адреси во нашите села само за да дојдат до функција. Само ние кои живееме овде, знаме како е да се живее 24 часа без елементарни услови за живот и основна здравствена заштита, - рече Јовановска.
Во програмата на СДСМ стои и решавање на еколошките проблеми,пред се чистење на дивите депонии, развој на туризмот, отворање на откупни пунктови и подршка за земјоделството.
На митингот беше промовирана и советничката листа, предводена од Јовица Јанчиќ, стопанственик.