Ќе се уриваат нелегалните угостителски објекти, најави градоначалникот
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски најави дека ќе ги урива дивоизградените угостителски објекти во центарот на градот.

Тој вчера кажа дека прво инспекциските служби ќе им наложат на сопствениците сами да ги отстранат објектите и урбаната опрема од јавните површини, а доколку тоа не се случи ќе ги урива општината.
„Имам намера во следниот период да ги преконролирам сите издадени решенија и да им укажам на сите коишто го прекршиле законот. Тоа значи дека овој објект што е зад вас еден ден ќе мора да се дислоцира доколку сопственикот не го дислоцира сам. Истото важи и за останатите угостителски објекти“, - изјави Димитриевски.
Градоначалникот призна дека поголем дел на угостителски објекти во општината, спротивно на правилникот, имаат поставено урбана опрема на јавно-прометни површини во централното градско подрачје и надвор од него.
„ Многупати правилникот за поставување на урбана опрема е злоупотребен од страна на инвеститорите и не се почитува во целост. Треба да се постави урбана опрема со настрешноци, а наместо тоа се поставува инпровизирани врати прозорци и тоа дава лош изглед на самиот град. Комуналната инспекција согласно законските овластувања треба да ги нотира сите случаи и да им даде решение за отстранување на опремата, а доколку не ја отстранат комуналната инспекција ќе се поведе постапка за уривање“, - додаде Димитриевски.
Во Куманово во централното градско подрачје изразена е појавата за поставување на урбана опрема на зелени површини, тротоари и градскиот плоштад. Граѓаните се жалат дека тоа им го попречува нормалното движење, но никој не може да ги помести угостителите.