Четири погранични села два дена без струја
Два дена се без струја четири македонски села, кои се напојуваат со електрична енергија од системот на Електростопанство на Србија.

Жителите на селата Татариновац, Сејдинце, Петровцe и Сушeво, кои се наоѓаат во општина Старо Нагоричане на самата македонско-српска граница, се жалат дека два дена се без електрична енергија, а незнаат од кои причини.
„Без никаква најава струјата ја снема во вторникот околу 21 часот. Не се посомневавме во ништо, сметајќи дека ќе дојде наредниот ден. Но, еве два дена и трета ноќ седиме во мрак. Осветлуваме на свеќи, газиени ламби, палиме алкохол, се снаоѓа кој со што има. Ни се расипа храната во фрижидерите, млекото немаме каде да го чуваме, а ние од тоа живееме. Отсечени сме од светот“, - ни изјави еден од мештаните во телефонски разговор.
Тие се обратиле до ЕПС во Врање и Бујановац каде им било речено дека се работи за дефект, кој ќе биде отстранет во текот на вчерашниот ден, но селата и вечерва останаа во мрак.
Проблемот со струјата се користи и во предизборни цели. Жителите тврдат дека членови на одредена политичка партија им ветувале дека ќе им помогнат да им се пушти струјата само ако гласаат за нив. Во спротивно Србија нема да ги снабдува со струја ако тие на изборите гласаат за нивните политички опоненти.
Во четирите села Татариновац, Сејдинце, Петровцe и Сушeво живејат околу 200 жители. Селата добиваат струја од Србија, како што било во времето на СФРЈ.