Денот на пензионерите одбележан во Куманово
Над 15 илјади пензионери од Куманово го одбележаа Денот на пензионерите - 20 Септември.

Здружението на пензионерите Куманово, е едно од најголемите во државата, не само по бројот на членови, туку и по активностите што ги имаат во текот на годината.
- Според последните податоци што ги добивме од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, за уплатени чланарини, во нашето здружение се евидентирани над 15.000 пензионери. Но, ова здружение не само по број, туку и по развиени активности се вбројува меѓу најатрактивните во Македонија. Ние имаме богата програма за работа на Здружението на пензионерите во сите области на здружувањето, - вели претседателот Спирко Николовски.
Пензионерското здружение има развиено и социјална програма за помош на старите и изнемоштени членови, на кои им се дава неповратна помош за лекување.
Во тек е проектот „Локална прегратка“, кој се реализира со локалната самоуправа Куманово, за социјално-хуманитарно згрижување на изнемоштени лица. Во проектот се влучени 20-тина пензионери, кои се пријавиле дека им е неопходна помош.
По повод празникот, изминатите неколку дена организирани се повеќе активности, кои ќе продолжат и во наредните денови.
Денеска се одржа Шаховски турнир, на кој учествуваа шахисти претставници од АРМ, МВР, Црвен крст, воените ветерани и пензионери.
- Утре организираме излет во Лесновски манастир, каде се пријавени 230 пензионери, - додава Николовски.
Драмската секција ќе ја игра претставата „Шути и рогати“ утре, пред пензионерите на македонското здружение „Вардар„ во Ниш, а пејачката група ќе настапи во Гази Баба.