Денот на ЗОК одбележан во касарната „Боро Менков“
Здружената оперативна команда (ЗОК), денеска го прослави Денот на единицата - 17 октомври, во касарната „Боро Менков" во Куманово.

На свеченоста присуствуваше претседателот Ѓорге Иванов, кој истакна дека во изминативе 25 години ЗОК има значаен придонес во развојот на АРМ, продолжувајќи го контитнуитетот на поранешната Команда на копнената војска, која со реформите во АРМ за приближување кон НАТО се преструктуираше во Здружена оперативна команда.
„Како врховен командант можам да констатирам дека ЗОК чекори смело кон исполнување на сите мисии и задачи, оставајќи силен белег во достигнувањето на високите стандарди на Армијата. Со ефикансноста во командувањето и контролата со потчинетите единици, како и планирањето и реализацијата на модерна обука со персоналот, ЗОК се наметна како една од главните столбови на кои се потпира Генералштабот на АРМ. Како и досега, очекувам припадниците на ЗОК, со нивните успеси да ја трасираат иднината на штабното работење“, - рече во поздравното обраќање Иванов.
Бригадниот генерал Зоран Милески, истакна дека на денешниот ден се потсетуваат со особена гордост и благодарност на сите припадници на ЗОК, кои во изминатите 25 години ги вградија своите животи во АРМ.
„Нека денешниот ден ни биде инсприрација, пред се во тоа колку е важно да се имаат јасни цели и одлучност во постигањето на истите. Оваа команда и вие кои работите во неа, во целина имате способност за планирање и реализирање на сложени операции, што за нас претставува суштинска важност и приоритет. Верувам дека секој од вас, поединечно и во сите вас како цврст колектив, а убеден сум и понатаму, цврсто и непоколебливо ќе продолжите со јакнењето на вашето знаење, умеење и воените вештини како предуслов во изградбата на една силна ЗОК и во тој контекст на Армијата во целина, рече Мислески.
На свеченоста повеќе офицери и подофицери беа унапредени во повисоки чинови, а беа доделeни пофалници и награди за постигнати резултати.