Димитриевски и Ѓорѓиевски потпишаа документ за подршка на младите
Максим Димитриевски од СДСМ и Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, денеска потпишаа документот за подршка на младите во општествениот, културниот и спортскиот живот во Куманово.

Иницијативата потекнува од Националниот младински совет на Македонија, а има за цел да го натера идниот градоначалник да работи на остварување на приоритети на младите.
„Кандидатите за градоначалник се обврзаа, кој и да ја добие довербата на граѓаните, дека ќе работи на остварување на потребните приоритети на младите. Потребите на младите се врзани со инвестиции во културно-забавната и образовно-спортската инфраструктура“, - изјави Мартин Алексовски од НМС.
По потпишувањето на документот, кандидатот за градоначалник од СДСМ, Димитриевски изјави дека младите се приоритет во државата и во општеството и оти како кандидат за градоначалник има обврска да гради, општество на млади, не само декларативно, туку суштински.
„Младите луѓе во Куманово имаат сопствени барања и првенствено сакаат да бидат слушнати. Имам намера да ја отворам општината и администрацијата за сите нив, со единствена цел да допре гласот на младите до институциите на системот на локално ниво. Покрај тешката социо-економска состојба и проблемите со изнаоѓање на вработување на младите сепак, првенство она што најмногу им недостасува е носењето одлуки. Младите сакаат да бидат инволвирани во системот и да донесуваат одлуки самите за себе“,- рече Димитриевски.
Тој смета дека со реализација на програмата и проектите кои се насочени кон младите, изградба на младински центар и изградба на соодветна инфраструктура и од културно-забавната дејност и спортот, смета дека ќе се отворат можности за младите да се дружат и да допринесат за развој на општината.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски изјави дека самата иницијатива која младите ја покренаа, покажува дека нивното место во понатамошното раководење со општината ќе биде приоритетно.
“Сметам дека доколку младите благовремено, бидат поставени на клучни позиции каде со својата стручност, ентузијазам и волја можат да ги сменат работите, да донесат новини, контролирани од искуството и мудроста на нас постарите, сметам дека тоа е гаранција за едно поубаво Куманово, за подобро утре, за сите оние други млади што нив треба да ги наследат да постои континуитет во живеењето и работењето на сите административни органи во општина Куманово. Нашата заложба по завршување на изборите е да ги фаворизираме и промовираме младите кумановци во сите сфери на општественото живеење не само во нашиот град туку и пошироко“,- изјави Ѓорѓиевски.
Документот го потпишаа двајца од петмината кандидати за градоначалник на Куманово.