Димитриевски ја претстави програмата пред кумановци
Нова сала, патна инфраструктура, катни гаражи, градинки, целосна гасификација на Куманово, почиста животна средина, нова сообраќајна студија, зелени површини, тротоари, патеки за велосипедисти, шеталишта и паркови, вети кандидатот за градоначалник на СДСМ Максим Димитриевски, пред своите сопартијци и граѓаните, на синоќешната конвенција во Центарот за култура во Куманово.

„Имаме сериозна програма за структурни реформи, за сериозни капитални инвестиции во општината. Бевме оставени на маргините на општеството, дојде време да си го земеме своето, а тоа се седумте проценти кои Куманово ги дава на централно ниво, да ги вратиме назад во форма на капитални инвестиции. Да изградиме нов цевковод за комплетно решавање на проблемот со водоснабдувањето во Куманово, нови 500 литри вода во секунда до фабриката за пречистување на вода. Бенефитот да го почувствува секој граѓанин од реалната гасификација во Куманово, со тоа што ќе го докапитализираме ЈП „Куманово Гас“. Со тоа ќе се зголеми еколошката свест и ќе се спасиме од аерозагадувањето“- нагласи Димитриевски.
Тој најави и средување на сообраќајниот хаос во градот со изградба на катни гаражи, но и едукација и потикнување на сообраќајната култура кај граѓаните. Истовремено, вети, дека ќе се работи и на хигиената на градот и уредување на зелените површини, како и решавање на урбаниот хаос.
„Куманово ќе стане град во кој нема на се гради зградичка на секое ќоше. Туку град во кој ќе се планира и ќе се гради согласно законот и согласно потребите да создадеме една модерна и урбана средина во којашто ќе се планираат паркиралишта и простор и живот за сите, - изјави Димитриевски.
Кандидатот за градоначалник, рече дека е време Македонија да му се оддолжи на Куманово, бидејќи во два клучни моменти за државата во 2001 година и 2015 година, кумановци независно од верската и политичка определба, покажаа зрелост и единство, затоа заслужуваат подобар живот.
Листата за членови на Совет ја претстави носителката Атина Мургашанска, која истакна дека кандидатите за советници се различни по родова, етничка, професионална структура, но единствени се во намерата да се создадат подобри услови за живот на своите сограѓани.
“Сите не води иста идеја и цел, што можеме да направиме за општината, а не општината за нас. Сите до еден ќе се вложиме заедно во граѓанскиот-мултиетнички концепт за раководење на општината. Луѓето пред вас ќе бидат победници кои ќе го имаат идното убедливо мнозинство во советот на општина Куманово. Потребите на граѓаните ќе бидат наш врвен приоритет, а ние ќе бидеме ефикасен сервис во нивно остварување. Локалниот интерес и просперитет на општината се мотивот со кој одиме во изборната трка, а нашата единствена цел и мото е „Живот за сите во општина Куманово. “- рече Мургашанска.
На конвенцијата се обрати и генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски, кој рече дека со победата на СДСМ на локалните избори ќе продолжи почнатиот процес на Македонија, сите да живеат во слобода и соживот.
„ Големиот предизивик за нашиот иден градоначалник е како да се гради по план, чесно и одговорно, квалитетно, како да се обезбеди инфраструктура во секое населено место во Куманово, како до секоја куќа да има одвод, довод, водовод и канализација, чист воздух и чиста вода за сите нас. Предизвик е општината да продолжи да биде соодветен сервис на граѓаните ид а ги опслужува сите како што и беше досега, да се обезбеди живот за сите во Куманово“,- рече Кирацовски.
Шефот на изборниот штаб на СДСМ во Куманово и претседател на Општинската организација Мартин Костовски, им порача на граѓаните дека во кампањата ќе влезат во секое населено место, ќе оставарат маалски средби во урбаните и руралните заедници за да ја презентираат програмата.
На конвенцијата во Куманово присуствуваа министрите: Оливер Спасовски, Зоран Шаруриќ и Кочо Анѓушев, пратениците: Фросина Ременски, Мухамед Зеќири, Мирослав Јовановиќ и др.