Димитриевски вети ново училиште во Долно Којнаре
Коалицијата на СДСМ вечерва го одржа завршниот мини- митинг од предизборната кампања во населбата Долно Којнаре.

На митингот кој се одржа на игралиштето во Долно Којнара, говори одржаа носителката на советничката листа Атина Мургашанска и кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски.
„Подготвени сме да направиме подобро место за живеење на секој кумановчанец, независно во кој дел на градот живее. Ќе го внесеме животот и во Долно Којнаре, бидејќи тука гледам ново училиште и нови зелени површини, зад мене гледам модерно организиран пазар, кој ќе личи и доликува на едно победничко Којнаре. И уште многу проекти кои имам намера и сакам да ги реализирам со вас, - изјави Димитриевски.
Тој најави дека по примерот на Зоран Заев, кој успеја Струмица од рурална средина за 13 години да ја трансформира во еден од најубавите градови и најубави општини во Република Македонија, истото да го стори за Куманово.
Носителката на советничката листа Атина Мургашанска рече дека сите граѓани имаат иста цел Куманово да стане достоинствено место за живеење, и како најголема општина во државата да го понесе и епитетот европски град. Таа ги повика граѓаните да излезат на избори и да ја дадат подршката за програмата Живот во Куманово, под реден број 19.