Дваесетина кумановци добија сертификати за градежни работи
Дваесет и три граѓани од Куманово добија сертификати за завршена обука за градежни работи.

Целта на проектот е поголемо вклучување на Ромите и другите маргинализирани и социјално ранливи групи од Куманово и Прилеп на пазарот на трудот.
„Вклучените учесници во проектот поминаа низ теоретска и практична обука за изработка на гипс картони и фасади, монтери на пвц столарија и ѕидари. Овие четири вештини се високо барани на пазарот на трудот и полесно ќе можат да најдат работа“, - изјави Александра Севевска, проектен координатор во Хабитат- Македонија.
Сертификатите беа врачени на вчерашниот Саем за вработување што го организираше невладината организација ДРОМ и Агенцијата за вработување Куманово.
„Дел од луѓето кои ги завршија обуките работат и се активни на пазарот на трудот, а имаме градежни фирми кои имаат потреба од нова работна сила. Обучувачите поминаа и обуки како да направат св како да побараат работа и да се претстават пред работодавачите“, - изјави Ахмет Јашаревски од ДРОМ.
Со проектот е изработен и софтвер за вмрежување на понудата и побарувачката на работната сила. Во базата на податоци ќе бидат работниците кои ја завршија обуката и локалните фирми кои се занимаават со оваа дејност. Кога работодавецот ќе постира објава за работа со порака работникот ќе биде известен за новото работно место.
Покрај во Куманово, сертификати се поделени на 17 лица во Прилеп.