Две сребрени и две бронзени медали за пливачите на Немо на меѓународен митинг во Скопје
Пливачкиот клуб Немо од Куманово освои четири медали на меѓународниот пливачки натпревар „Орион куп 2026“, кој се одржа на 23 и 24 мај на Олимпискиот базен во Скопје.
„Најуспешен беше Жељко Младеновски, кој освои две сребрени медали. Тој на 100 метри градно заврши втор со резултат 1:48.02, а второто место го освои и на 50 метри градно со време 51.03. Во дисциплината 50 метри краул, Младеновски го освои 9. место меѓу вкупно 45 натпреварувачи, со резултат 38.21. Успешен настап имаше и Миа Додевска, која се закити со два бронзени медали. Таа на 50 метри градно го освои третото место со резултат 43.64, а бронза освои и на 200 метри градно со време 3:37.93, при што го подобри својот личен рекорд за цели 8 секунди во само два натпревари“, велат од клубот.
Оттаму додваат дека Додевска била блиску до нов медал и на 100 метри градно, каде го освоила 4. место со резултат 1:37.54. Од третата позиција ја делеле само 24 стотинки, а и во оваа дисциплина го подобрила својот личен рекорд за 3 секунди.
На натпреварот во Скопје настапила и Каја Милевска, која била дел од составот на ПК Немо на овој меѓународен митинг.