Формиран Совет за заштита на потрошувачите во Куманово
Советот на Општина Куманово денеска го формираше Советот за заштита на потрошувачите, советодавно тело, кое ќе го следи квалитетот на услугите на јавните служби во Општината.

Советот брои 7 члена, три правни и четири физички лица. Поддршката ја добија претставниците од фирмите: „Ми-мар“ од Куманово, „Адут ГВН“ од Тромеѓа и „Конект 2016“ Куманово, додека физички лица се: Тодор Тасев, Милорад Илиевски, Емин Ибраими и Мирослав Јакимовски. Функцијата не е платена и телото нема извршна моќ. Мандатот на членовите е 2 години.
„Советот ќе ги разгледува прашањата и квалитетот на услугите, кои се во надлежност јавните претпријатија, општинските служби и локалните институции. Сите поплаки и преставки што ќе ги добие од граѓаните ќе ги разгледува на јавни седници на кои можат да присуствуваат градоначалникот, советниците, директорите и општинските службеници. Извештај за својата работа избраните членови ќе поднесуваат пред Советот на Општина Куманово, а ние ќе оценуваме дали тие квалитено си ја извршуваат задачата“ - изјави претседатeлот на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, Томица Илиќ.
По формирањето членовите ќе изберат претседател, а граѓаните дополнително ќе бидат информирани за работните простории на телото.
Опозицијата смета дека Советот за заштита на потрошувачите треба да биде квалитетен за да се постигне посакуваната цел, а советникот Зоран Петрушевски обвини за избор по партиски критериум.
- Кога сме кај составот на правните лица водевме сметка да има претставници од различни бранши, а кај физичките лица има претставници од позицијата и од опозицијата што може да се постигне добар баланс. Тука нема потреба од надгласување, повеќе ќе ги користиме нивните стручни и авторитативни капацитети, и нивните совети како претставници на бизнис заедницата и граѓанска заедница, за тоа што е добро и што не е добро, и како треба да се движи работата на органите во локалната самоуправа, - изјави претседателката на Советот, Атина Мургашанска.
Формирањето на Совет за заштита на потрошувачи е предвиден во програмата на Советот на Општина Куманово, а го налага Законот за локална самоуправа.