Мени

Гужви на Табановце поради наплата на казните од „Сејф сити“

20.08.2026 10:44 | Сузана Николиќ

Наплатата на казнита за странските возачи, кои сториле сообраќан прекршок регистриран преку системот „Безбеден град“ вчера создаде гужви и километарски колони на граничниот премин Табановце, при излез на државата.

Гужви на Табановце поради наплата на казните од „Сејф сити“

Од МВР велат дека од вчера започнала примената на воспоставениот механизам за постапување со возачите на возила со странски регистарски таблички кои сториле сообраќаен прекршок на територијата на Македонија.

„На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка. Поголемиот број возила кои денес се појавуваат на граничниот премин се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци“, соопшти МВР.

Оттаму додаваат дека преземаат активности за непречено одвивање на постапката и намалување на времето на задржување на патниците.

„Со воведувањето на овој механизам се обезбедува еднаков и неселективен пристап во санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без оглед дали станува збор за возила со домашни или странски регистарски таблички“, стои во соопштението.

Од МВР велат дека продолжуваат со имплементацијата на системот, со цел неговата примена постепено да се прошири и на останатите гранични премини во државата.