Играорците од “Панче Пешев“ останале без превоз затоа што некој самоволно си го зел општинскиот автобус
Играорците од КУД “Панче Пешев” од Куманово, во саботата за малку ќе го откажеле настапот на Меѓународниот детски фолклорен фестивал “Оро Весело” во Радовиш, бидејќи на самото тргнување останале без превоз, што им го обезбедила Општината.

Автобусот со кој требале да патуваат „исчезнал“ без да бидат известени дека превозот им е откажан. Во последен момент успејале да се снајдат и да стигнат на закажаниот настап. Револтирани од ваквиот однос, јавно прашуваат кој прави опструкции и кои се мотивите поради кои друштвото се соочило со проблеми со превозот при самото тргнување на фестивалот во Радовиш.
„Имено КУД “Панче Пешев” поднесе барање за помош од страна на Општина Куманово во вид на превоз на учесниците на фестивалот кое беше одобрено. Општината и градоначалникот позитивно одговорија со што беше решен проблемот околу превозот. Меѓутоа прашањето е кој се стави над општината, над интересите на градот и граѓаните, над законот? Кој го “киднапира” автобусот што требаше нашите членови да ги однесе на фестивалот во Радовиш? Имено пред да тргне автобусот ни беше јавено дека него го нема на паркинг просторот иако претходно веќе беше договорен терминот. Некој самоволно и без да праша го “киднапирал” автобусот за свои цели. Општината е таа која треба да стави крај на вакви однесувања од страна на поединци кои мислат дека се што е општинско и јавно добро е во нивна служба а тие самите се над сите и над интересите на останатите обични смртници. Бараме од Општината и надлежните под итно да го расветлат овој случај на самоволие во нашата општина и еднаш да се стави крај на вакво однесување од било чија страна“, - изјави Мирослав Крстевски, претседател на КУД „Панче Пешев“.
И покрај сите потешкотии, раководството успејало да се снајде и со помош на “Јоцо Турс”, со мало задоцнување да отиде и да настапи на Меѓународниот детски фолклорен фестивал “Оро Весело” во Радовиш.
КУД “Панче Пешев” на достоен начин го претставило нашиот град и државата пред присутните гости од Република Српска, Бугарија и Србија, како и друштвата од Битола, Тетово, Кочани, Струмица, Прилеп, Оризари и градот домаќин Радовиш. КУД “Панче Пешев” е едно од најстарите друштва во Македонија и најстарото друштво во Куманово.