ИН МЕМОРИАM: Почина новинарката Нада Георгиевска
Денеска во Куманово, во 64. година од животот, почина нашата сограѓанка Нада Георгиевска, долгогодишен новинар и професор по книжевност и литература, во пензија.

Георгиевска, дваесет и пет години беше дел од редакцијата на Новинско радио-информативна и издавачка организација „Наш Весник“, во чиј состав беа истоимениот, инаку прв локален весник во повоената Македонија, и Радио Куманово.
Припаѓа на генерацијата новинарски тим кој ги направи првите чекори во телевизиското новинарство во Куманово, како трет сегмент на работењето на информативната куќа и редакцијата.
Повозрасните кумановчани со респект се сеќаваат на дневните информативно политички емисии, стандардните кратки Вести и секојдневниот Дневник на Телевизија Куманово на информативната редакција, чиј активен, редовен, посветено ангажиран и плоден новинар беше и Нада Георгиевска. Особено ќе остане запаменета како автор на сите видови новинарски трудови од областа на комуналната сфера и урбанистичкото уредување на градот. Колегите пак ќе ја паметат како драг колега ,солидарен, секогаш подготвен за помош и соработка и добар пријател.
Георгиевска беше сакана и почитувана сопруга, мајка и баба.
Погребот на посмртните останки на Нада Георгиевска ќе се изврши утре, во 13 часот, на Градските гробишта во Куманово.