Институтот за јавно здравје со препораки за граѓаните како да се заштитат од високите температури
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлото време, со цел да се намалат ризиците по здравјето за време на периодот на високи температури.
Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува директно изложување на сонце и престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога сончевото зрачење и температурите се највисоки. Доколку престојот надвор е неопходен, граѓаните треба да прават почести паузи под сенка и да носат светла и лесна облека, заштитни очила и светлобојна капа со широк обод.
Се препорачува престој во затворени и климатизирани простории, како и затворање на прозорците и ролетните во текот на денот, а нивно отворање навечер кога температурата е пониска.
Во однос на исхраната, Институтот советува да се внесува умерена количина храна, да се избегнуваат масни, висококалорични и премногу засладени оброци, како и редовно да се внесуваат доволно течности без да се чека појавата на чувство на жед. Најдобар избор е водата, а се препорачува да се избегнуваат алкохолни пијалаци, пијалаци со кофеин и многу ладни напивки.
ИЈЗ потсетува и на опасноста од престој во затворени возила, кои за кратко време достигнуваат многу високи температури. При влегување во паркирано возило потребно е да се овозможи вентилација, а никогаш не треба да се оставаат лица или домашни миленици во него.
За разладување се препорачува туширање со млака вода, користење ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.
Посебно внимание треба да посветат лицата со хронични заболувања, особено со болести на кардиоваскуларниот, невролошкиот и белодробниот систем. Тие треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и при каква било промена на здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.