Ја исчистија реката, го оставија ѓубрето
Купишта ѓубре остана на брегот на реката Кумановска, по чистењето на речното корито до зградите кај Мај маркет. Станарите се жалат дека Општината наместо да го изнесе ѓубрето што го собра во реката, го остави да трули пред нивните врати.
Акцијата за чистење на реката се спроведе на крајот на јуни, па веќе еден месец кога ќе заврне се шири непријатна миризба од извадената тиња, а кога ќе дувне ветер носи ткаенини, корења, пластика и прашина на сите страни. Од жештината се чувствува и смрдеа на угинати животни, тврдат станарите.
- Згрозени сме од ова што го направија. Повеќе од еден месец стои ѓубрето, веќе се зазелени со трева. Децата на смееме да ги пуштиме надвор, бидејќи насекаде летаат зелени муви и комарци, кои шират зараза. Не можеме да излеземе пред зграда, ниту прозор да отвориме. Не знаеме што да правиме, затоа бараме под итно да се исчисти ѓубрето додека не се појавила некоја заразна болест, - вели Миомир Саздовски, пензионер.
Станарите му напишале на градоначалникот на социјалните мрежи за проблемот, по што добиле одговор дека ѓубрето ќе го изнесат, но попусто. Кога виделе дека ништо не се превзема побарале помош и од фирмата која им ја одржува зградата. Тие се обратиле до ЈП „Чистота и зеленило“, но им било речено дека ѓубрето веќе е исчистено.
- Изнесоа еден-два камиони од ѓубрето и толку. Багерот стоеше 3 дена, без да работи и потоа го тргнаа. Прво мислевме дека чекаат да се исуши ѓубрето, бидејќи беше мокро кога го извадија од реката, но видовме дека тие целосно го заборавија. Очекувавме дека простор ќе го оплеменат и ќе го уредат за да има кај да седиме преку лето, а тие целосно го запустија. Пред неколку години ние самите собиравме пари и ја искосивме тревата за да имаат децата каде да се играат, а сега целосно го испоганија просторот, - револтирани се станарите.
Од Општина Куманово велат дека на изнесување на ѓубрето два дена работела фирма донатор, но се расипал бажерот за утовар. Откако ќе се поправи до крајот на неделата или наредната, ќе продолжи акцијата за изнесување на сметот.
Граѓаните велат дека очекуваат поголема ажурност од надлежните, а разочарани се од односот на локалната власт.
- Новото локално раководство се пофали дека ќе соработува со граѓаните и ќе ги слуша нивните потреби. Тоа многу убаво звучи, ама во реалност не се спроведува. Вака се губи довербата, треба да знаат недлежните, - порачуваат станарите.
Тие кажуваат дека пред повеќе години исто било исчистено речното коприто, но тогаш ѓубрето веднаш било товарено во камиони и изнесувано, а она што останало го тргнеле за десетина дена.