Јапонија донирала половина милион евра за проекти во Куманово
Половина милион евра донирала Владата на Јапонија за реализација на проекти во Куманово.

Преку програмата за мали грантови, Куманово доби возила за изнесување смет и друга техничка помош за јавните претпријатија, средства за реконструкција на училишта, патишта и 13 милиони денари за регулација на речното корито на Липковка.
„Јапонската програма во Македонија започна во 1996 година и досега Јапонија во Куманово има донирано половина милион евра за 10 локални проекти. Јапонија, исто така, донираше два милиони долари во регионот за време на бегалската криза, вклучувајќи го и транзинтниот центар во Табановце. Последната помош на Куманово беше финасирање на проект на УНДП за превенција од поплави, преку регулација на речното корито на Липковска река“,- изјави амбасадорката на Јапонија во Македонија, Кеико Ханеда, при денешната посета на Куманово.
Со помош од 67.830 евра, реконструирано е основното училиште „Вук Караџиќ“ во Куманово“. На свеченоста по повод завршување на проектот и патронатот на училиштето, присуствуваше и амбасадорката.
„Многу ми е мило што гледам дека училиштето има нов покрив и прозорци, подобрени услови за работа на децата и наставниците. Децата се нашата иднина и затоа образованието е толку важно. Јапонскиот народ е среќен што може да ги посреќи децата во ова училиште“, - рече Ханеда.
Амбасадорката ја посети и Општина Куманово и разговараше со градоначаникот Максим Димитриевски, кој се заблагодари за поддршка и помошта на Куманово и најави продлабочување на соработката со јапонската валада.
„Народот на Јапонија за граѓаните на Куманово преку амбасадата има донирано значителни средства за нашиот град и имплементирано поголем број на проекти. Затоа уште еднаш сакам да се заблагодарам на амбасадорот за денешната посета и да продолжиме во позитивен дух да ги надградуваме нашите односи, се со цел привлекување на странски инвеститори од Јапонија во нашата општина“ - изјави градоначалникот Димитриевски.
Благодарност упатија и вработените и учениците од основното училиште „Вук Караџиќ“, со приредба по повод патронатот на училиштето и релизација на проектот.