Јавна расправа за нацрт - стратегијата за културен развој во Куманово
Министерството за култура, во партнерство со граѓанското здружение Култ-Транзен, вчера во Центарот за култура во Куманово, организираше јавна расправа по нацрт - стратегијата во културата 2018-2022.

На расправата присуствуваа претставници од Кумановскиот музеј, од Центарот за култура, од секторот за култура од општина Куманово, како и граѓански здруженија, уметници и културни работници.
Златко Теодосиевски, посебен советник во Министерство за култура и координатор на Работната група за подготовка на стратегијата истакна дека децентрализацијата е она што најмногу ги интересира уметниците и дека во досегашните дебати, уметниците изразиле загриженост дали институциите ќе останат на национално или на локално ниво.
„Одиме по градовите да слушнеме мислења директно од засегнатите, меѓутоа барем колку што знам тој процес ќе мора да продолжи, не заради друго, туку пред сè за да се растовари централниот буџет. Тие пари повторно ќе се вратат во општините, но по други основи, по основ на програми и проекти и мислиме дека е добро за културата во принцип, а особено за локалната култура, општината да преземе поголеми обврски за институциите. Сметаме дека така ќе порасне нивото на културниот живот во општината“, изјави Теодосиевски.
На дебатите копјата се кршат околу процесот на децентрализација, преземање на ингеренциите од локалните институции, дали локалните самоуправи се подготвени да ги преземат овие центри за култура под локална самоуправа.
„Предлози имаме за статусот на уметниците, има прашања за тоа дали ќе се подобри и како ќе се добива статусот слободен уметник, за рамномерен развој во културата низ целата земја“, изјави Јасмина Мазгалиева, од Култ-Транзен, организација која со поддршка на УСАИД – Проектот за граѓанско учество организира дел од дебатите во повеќе градови од земјава.
Дебатите се организираат во соработка со граѓански здруженија од самите градови, а на нив редовно учествуваат и претставници од Министерството за култура, од Работната група за Стратегијата, како и од Советот за култура.