Мени

Јелена Мандиќ добитничка на регионалното признание „Искра региона“

16.05.2026 13:05 | KumanovoNews

Јелена Мандиќ, одделенски наставник во ООУ „Вук Караџиќ“ од Куманово, е добитничка на признанието „Искра региона“, кое го доделува Асоцијацијата на најдобрите наставници и лидери од регионот. 

Јелена Мандиќ добитничка на регионалното признание „Искра региона“

Признанието се доделува на едукатори кои со својата работа оставаат видлива трага во образованието, преку вмрежување, поддршка и ширење добри идеи, како и придонес кон наставничката заедница што ги поврзува земјите од регионот.

Признанието ѝ беше врачено во рамки на јубилејната 10. Регионална наставничка конференција, која се одржа на Златибор од 9 до 12 мај, на тема „Промена на парадигмата на образованието“.

Станува збор за една од најзначајните образовни средби во регионот, која ги обединува наставниците, воспитувачите, директорите, стручните соработници и образовните лидери од шест држави.

„За мене ова признание не е само награда, туку емоција, потврда и одговорност за долгогодишната посветеност, креативност и примена на современи наставни пристапи, кои го ставаат ученикот во центарот на учењето. Тоа покажува дека секој вложен час, секоја подготвена активност, секоја насмевка на ученик и секоја искра љубопитност во детските очи имаат вистинска вредност. Ова признание за мене е доказ дека љубовта кон професијата се препознава и дека работата со срце остава траги далеку надвор од училницата“, вели Јелена.

Признанието ѝ го врачи Жељана Радојичиќ Лукиќ, основачка на Асоцијацијата на најдобрите наставници и лидери од регионот и иницијаторка на регионалните признанија, која е вброена меѓу 50-те најдобри наставници во светот во рамки на светската награда Global Teacher Prize.

Во рамки на конференцијата, Јелена имала и значајна улога како член на жири-комисијата за избор на признанието „Светионик образовања“, кое се доделува на училишта и градинки што со својата работа претставуваат пример и инспирација за регионот. Оваа улога дополнително ја истакнува нејзината професионалност и кредибилитет во образовната заедница.

„Да се биде дел од жири-комисијата за ‘Светионик образовања’ за мене претставуваше чест, но и длабока инспирација – да се види колку светлина има во образованието низ регионот и колку посветени луѓе работат со истата мисија“, додава Јелена.

Покрај конференциските активности, таа учествувала и на Саемот за образование како дел од македонскиот тим, каде биле претставени ученички изработки и проекти што ја покажуваат креативноста, истражувачкиот дух и примената на современи пристапи во наставата.

„Македонскиот штанд беше особено забележан и издвоен меѓу бројните учесници како резултат на тимската работа, посветеноста и јасната визија за тоа како наставата може да биде креативна, функционална и инспиративна“, вели таа.

Регионалната наставничка конференција веќе десет години гради простор за професионално поврзување, размена на добри практики и соработка меѓу наставниците кои училиштето го гледаат како место на знаење, но и како простор на доверба, разбирање и зачувување на мирот.

Мисијата на Асоцијацијата го надминува класичното стручно усовршување и го развива образованието како мост меѓу луѓето, училиштата, културите и државите. Посебна вредност има развојот на мировната педагогија, заснована на соработка, почитување на различностите, култура на дијалог и заедничка одговорност за иднината на децата.

„Овие успеси не претставуваат само личен успех, туку и промоција на македонското образование на регионално ниво. Признанието го добив за исклучителна работа со деца, развој на иновативни наставни практики, придонес за училиштето и заедницата, промоција на вредностите на образованието, поврзување на наставниците и творечки пристап во наставата“, истакнува Јелена.

Покрај ова признание, Јелена Мандиќ неодамна освои и прво место на Меѓународниот литературен, ликовен и креативно-дигитален конкурс „Шантиќева реч 2026“ за дигитална илустрација и кратка приказна, во рамки на 19. традиционална манифестација „Шантиќеви дани“, на тема „Свет у оку детета“, организирана од ОШ „Алекса Шантиќ“ од Белград.

„Најголемите амбасадори на мојата работа се токму детските раце што создаваат, истражуваат и учат со радост. Оваа награда за мене е поттик да продолжам уште посилно, похрабро и покреативно, затоа што верувам дека наставникот може да биде искра што пали светлина во многу детски светови“, завршува младата наставничка.