Кампања за надминување на предрасудите организира НРЦ
Националниот ромски центар од Куманово, започна кампања „Доста е–надмини ги предрасудите, запознајте ги Ромите“, која има за цел да ги едуцира учениците во основните и средни училишта за надминување на стереотипите, предрасудите и дискриминацијата.

Вчера се одржа првата работилница на која присуствуваше Васка Бајрамовска-Мустафа, раководител на Одделение за заштита на правата на децата и лица со посебни потреби од канцеларијата на народниот правобранител, кој одржа предавање како да се надминат предрасудите.
„Дискриминација отсекогаш постоела и ќе постои затоа што се уште не е доволно развиена свеста, не во таа толкава мера колку што е потребно, почнувајќи од децата, па се до возрасните. Во рамките на институцијата народен правобранител постои посебно одделние за заштита на правата на децата и лица со посебни потреби и одделение за заштита од недискриминација. За жал, морам да кажам дека дискриминацијата од година во година зазема поголеми размери и она што е интересно е што се менува основот на дискриминацијата, меѓутоа никогаш не се заборава односно не се намалува бројот на претставки поднесени по однос на етничка припадност, рече Бајрамовска.
Кампањата се одржува со поддршка од Советот на Европа и кампањата „Доста“, исто така и проектот „Ајде да зборуваме за дискриминација “ кој е поддржан од Програмата Европа за граѓаните и француската амбасада. Кампањата ќе се работи во три фази.
„Покрај денешната работилница, во втората фаза имаме креативни дела во кои учениците ќе цртаат на маички и ќе се снима видео материјал и третата фаза е изложба на изработените дела од настанот, изјави Ирфан Мартез од Националниот Ромски Центар.