Костовски: Да гласаме за иднината на нашите деца
Претседателот на Општинската организација на СДСМ во Куманово, Мартин Костовски ги повикува своите сограѓани на 30. септември да гласат на референдумот за подобра иднина за нивните деца, бидејќи имаат обврска да помогнат Македонија конечно да тргне напред.

- Младите имаат шанса да ја однесат Македонија напред, членство во НАТО и ЕУ гарантират подобар живот за сите млади. Пристапот до младинските програми на Европската Унија за младите од Македонија ќе значи можност за студирање на најдобрите универзитети во Европа и развивање на вештините неопходни за активно учество на пазарот на трудот. Развојот на Македонија можеме да го постигнеме само преку влегување во сојуз со големите светски сили, како рамноправна членка со право на глас, - изјави Костовски.
Тој нагласи дека Европската Унија е семејство на народи - каде што земјите си помагаат една на друга за да изградат заедничка безбедност, да споделуваат можности и да создаваат економски придобивки за секоја земја членка на семејството.
- Затоа во недела не се седи дома. Недела е ден за историска одлука, ден за гласање. Што и да направиш во недела ќе влијае трајно врз иднината на твојот живот и врз иднината на државата“, додаде Костовски.
Претседателот ги поканува своите сограѓани на трибина со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, што ќе се одржи утре со почеток во 19:30 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.