Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Димитар Ковачевски си даде оставка од претседателската функција на седница на Извршниот одбор на СДСМ.
Toj се повлекува од функцијата поради катастрофалниот резултат на претседателските и парламентарни избори, и како што соопшти партијата, побарал свикување Конгрес и организирање внатрепартиски избори. Одговорноста за резултатите и поразот ја лоцираше кај сите функционери од партијата и го повика комплетното раководство на партијата да даде оставки.
„И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност. Овој резултат и креираното јавно мислење беше очигледно уште на локалните избори во 2021 година кога СДСМ доживеа пораз, по што партијата не направи анализа на изборните резултати како што налага Статутот и не ги лоцираше причините за поразот за да се извлечат соодветни поуки. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа“, објави Ковачевски.
По 7 години власт, СДСМ на парламентарните избори го доживеа најтешкиот пораз во историјата и се најде во позиција да биде третопласирана партија, зад ДУИ, според бројот на пратеници, вкупно 18 и 153.250 гласови.
И општинската организација на СДСМ освои само 7.144 гласови, најслаб резултат од постоењето, по 30 година власт на локално ниво и со титула бастион на Куманово.