Кумановец платил 1000 евра да фрлат бомба во двор на негов сограѓанин
С.Т.(49) од Куманово, набавил бомба и платил 1000 евра на лице од липковско да ја фрли во двор на друг кумановец.

Експлозивната направа завршила во дворот на Д.Г. на ул. „Славиша Вајнер” во Куманово.
Како што соопштуваат од МВР, на почеток на мај годинава С.Т. се договорил со И.Ш., за паричен надомест од 1.000 евра да договори трето лице. кое ќе фрли бомба во дворот од куќата на Д.Г. од Куманово.
Откако се договориле, С.Т. му ја дал експлозивната направа на И.Ш.(53) од село Оризари, по што тој ја предал на С.А. од село Оризари, кој на 27. мај година околу 03.30 часот по полноќ, ја фрлил експлозивната направа во дворот од куќата на Д.Г. на ул. „Славиша Вајнер” во Куманово.
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против С.Т., поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела поттикнување во врска со предизвикување општа опасност и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, против И.Ш. за сторено кривично дело поттикнување во врска со предизвикување општа опасност и против С.А., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје и распрскувачки материи.
С.А. е приведен и од судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор.