Кумановец тешко повреден додека спасувал деца во камион во движење
Кумановец е тешко повреден, додека вчера се обидувал да запре камион во движење, во кој биле деца.

Несреќата се случила вчера во 15.35 часот, на ул. „39“ во населба Карпош Куманово, кога во паркирано товарно возило „ТАМ“ со кумановски регистарски ознаки влегле две малолетни деца на возраст од 10 години.
Едно од децата го притиснало квачилото и возилото почнало да се движи. Во тој момент, Оливер Д. (38) од Куманово, кој седел во соседниот двор, забележал дека возилото со децата се движи и почнал да трча по возилото со намера да го сопре. Ја отворил предната лева врата и притоа удрил во бетонски столб, паднал и се повредил, а возилото застанало.
Повредениот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општа болница Куманово каде му биле констатирани тешки телесни повреди опасни по живот. Како итен случај бил пренесен во Клинички центар Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.