Куманово вечерва најзагаден град во државата
Куманово вечерва е најзагаден град во државата. Концентрацијата на ПМ 10 честичките е 170 mg/m3, што е за 2,5 пати над дозволената граница 50 микрограми на еден метар кубен.

Зголемувањето на загаденоста се должи на тивкото време без ветар, на раскопаните улици и почетокот на грејната сезона, големата концентрација на автомобили, но и несовесните граѓани кои постојано палат на отворено.
Жителите на булеварот Октомвриска револуција, од локалитетот од Водовод до Туш, секое попладне се сведоци на палење на гуми и ѓубре, на неколку локации. Густ црн чад се спушта покрај реката и ја обвиткува населбата, па не може прозор да се отвори, ниту да се излезе пред зграда или на кеј.
Граѓаните бараат инспекциските служби да ги казнат прекршителите на законот, а локалната самоуправа да се справи со проблемот на загадувањето.
Вечерва, покрај Куманово, најзагадено е Лисиче со 154 mg/m3, Тетово со 137 mg/m3, Карпош 119 mg/m3 итн.