Куманово започна со селекција на отпад
Куманово е еден од ретките градови во државата каде ќе се врши селекција на отпад.

ЈП „Чистота и зеленило“ денеска започна со поставување на контејнери за одлагање на пластика, стакло и хратија на 15 локации во градот.
- Ние од денеска го започнуваме овој процес со поставување на посебни садови за примарна селекција на смет во централното градско подрачје. Тие садови ќе ги изнесуваме и на самата депонија ќе вршиме уште една селекција на отпадот. Имаме поставено и мерач за да ги утврдиме точните количина на смет коишто ќе ги собираме. Ова многу ќе значи за нашето претпријатие и за самата општина, бидејќи не само што ќе се заштити животната средина, туку ќе обезбедиме дополнителни средства за претпријатието, со продавање на сировината за рециклажа, - изјави директорот Даниел Стојчевски.
Градоначалникот Максим Димитриевски, ги повика граѓаните да се придржуваат кон прописите и сметот да го фрлаат во поставените садовите, но селекцијата на отпад да ја направат во своите домови. Тој најави поголема едукација во училиштата и на граѓаните за правилно користење на поставените садови.
Контејнерите за селекција за отпад се донација од фирмата Пакомак.