Кумановската касарна остана без парно греење
Кумановската касарна „Боро Менков“ останала без греење поради дефект на централниот систем за затоплување на објектите.
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Министерството за одбрана дека не се грижи за условите во кои работи војската.
„Повеќе од еден месец војниците во кумановската касарна живеат во субстандардни услови. Стотици војници во кумановската касарна на минусни температури се оставени без греење. Недозволиво е однесувањето и негрижата на власта кон војниците, кои еден месец како е почната грејната сезона, спијат на температури под нулата“, - изјави Никола Перовиќ од ВМРО-ДПМНЕ Куманово.
Од Генералштабот (ГШ) на АРМ потврдуваат дека во кумановската касарна нема парно греење, поради дефект на две цевки за пренос на топлата вода па не можат да го вклучат систем за затоплување, но тврдат дека војниците не се смрзнуваат затоа што се обезбедени алтернативни извори за затоплување во целата касарна.
„Службите кои вршат обезбедување на објектите во касараната се затоплуваат со дрва, а командата на струја со клими, термо печки и греалки. Денеска е прв ден кога е малку поладно инаку предходните денови не беа темпратурите толку ниски за да некој се смрзне“, - велат од ГШ.
Додаваат дека дефектот на центалното греење бил лоциран уште во септември кога било пуштено пробното греење, но поради долгата тендерска постапка дури денеска потпишале договор со фимата која ја добила работата. Веднаш извршиле увид во дефектот и имаат обврска за 15 дена да ги завршат неопходните поправки.
Од АРМ велат дека објектите во касарните во државата се стари, а системите за затоплување не се одржувани со години и затоа секаде се јавуваат проблеми со греењето. Тврдат дека имаат доволни количини на мазут за греење на објектите, кога ќе се отстрани дефектот.