Кумановски акцијаши засадија 3000 садници на Спомен костурницата
Педесетина волонтери на Здружението за доброволна волонтерска работа„Кумановски акцијаши“, Црвен крст, Армиските и полициски ветерани и вработени во ЈП „Чистота и зеленило“ денеска засадија 1000 зимзелени садници на Спомен костурницата во Куманово, по повод Меѓународниот ден на доброволната волонтерска работа.

Ова е трета акција оваа пролет каде се засадени 3000 садници.
„Нема да застанеме тука, и во наредниот период ќе продолжиме со пошумување во општината, а динамиката ќе зависи од ЈП „Чистота и зеленило“ и нивната проценка кои локалитети треба да се пошумат. Во јули ќе ја започнеме меѓународна волонтерска акција за ревитализација на Спомен костурницата во Куманово, со изградба на целосна инфраструктура, каде ќе учествуваат 200 волонтери од 13 земји од Балканот“, - изјави Јусуф Љатифи, претседател на „Кумановски акцијаши“.
Тој додава дека граѓаните ретко се вклучуваат во еколошките акции, а често садниците се мета на несовесни граѓани.
„Сите заедно треба да поработиме на формирање на еколошката свест, бидејќи премногу луѓе очекуваат друг да ја заврши работата наместо нив. Примарна задача на секој жител е да се грижи за својата средина, а не како да ја уништува“, - додаде Љатифи.
Акциите се подржани од Општина Куманово, преку јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, кое обезбедува садници.