Левица се заблагодари на граѓаните, кои им дадоа поддршка
Само 54 гласа недостасуваа Левица да има свој претставник во Советот на Општина Куманово.

Политичката партија Левица се заблагодари на граѓаните на Куманово, кои дадоа поддршка и гласаа за нив на локалните избори.
„Евидентно е дека граѓаните на Куманово ја препознаваат искреноста на активистите и членовите на Левица во борбата за реални промени, во борбата за социјална правда и права на работниците и обесправените. За тоа сведочи фактот дека на локалните избори, Левица во Куманово имаше приближно двојно повеќе гласови отколку на парламентарните избори во декември 2016 година. За жал, само 54 гласа недостасуваа за Левица да има претставник во Советот на Општина Куманово, - соопштуваат од Левица.
Порачуваат на новиот градоначалник и членовите на Советот на општината Куманово дека будно ќе ги следат сите нивни постапки и остро ќе реагираат, секогаш кога ќе работат спротивно на интересите на граѓаните.
Левица освои советници во Советот на општините Карпош и Росоман и во Советот на Град Скопје.