Македонија ги слави двата Илиндена
Македонија денеска го слави Денот на Републиката - 115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Празникот ќе биде одбележани со низа манифестации и големи народни собири во државата. Централната прослава ќе се одржи во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, под мотот „Наша Македонија“.
„Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот, која е инспирирана од Крушевскиот манифест“.
Во Меморијалниот центар „АСНОМ“ ќе присуствува премиерот Зоран Заев, а цвеќе ќе положат и министрите Оливер Спасовски, Никола Димитрове, Рената Дескоска и Асаф Адеми.
Во собраниската делегација ќе бидат пратениците Мирослав Јовановиќ, Лидија Тасевска и Горан Мисовски.
Општинската делегација ќе ја предводи градоначалникот Максим Димитриевски, со претседателот на Советот Атина Мургашанска, секретарот на Општината Десанка Стошевска и раководителот Сунаи Мустафа.
Свеченоста во Пелинце ќе биде збогатена со културно-уметничка програма, со настап на хорот „Вардар“, ансамблот „Танец“ и КУД „Емин Дураку“.
Во Крушево обраќање ќе има претседателот Ѓорѓе Иванов, додека претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе присуствува на одбележувањето на Илинден во Скопје.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела десет дена.
Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Прохор Пчињски„ е одржано Првото заседание на АСНОМ, на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов Ченто.
Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.