Мамографот во Куманово не работи 10 месеци, нов најрано во октомври
Повеќе од 10 месеци не работи мамографот во Општата болница Куманово. Апаратот е стар 34 години, а се расипал во октомври минатата година и оттогаш пациентките кои сакаат да извршат преглед или имаат заболување на дојка мора да бараат чаре во Скопје или да плаќаат приватно.
Додека работел апаратот, поради староста, во просек се прегледувале по 6 пациентки дневно.
„Има голем револт кај пациентите бидејќи ние имавме голем број контролни прегледи кај нас. Сега пациентите мора да одат во Скопје, во Кратово се работи некоја скрининг програма преку Министерство за здравство, во Куманово има приватен мамограф каде што треба да се партиципира поголема сума пари, но не сите пациенти се во можност да платат. Се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме нов дигитален мамограф“, вели специјалист по рентген дијагностика д-р Димитрије Суботиќ, началник на Одделението за ренгенологија.
Лекарите кажуваат дека особено е стресно за пациентките кои се оперирани од карцином на дојка и кои се под лекарства или примаат хемотерапија, а мора да закажуваат и да чекаат термини во Скопје, што им создава дополнителенo малтеретирање во една таква тешка здравствена состојба.
Кумановската болница е регионален здравствен центар, кој покрива над 200 илјади пациенти од 6 општини.
Директорката на Општата болница Куманово д-р Снежана Захариева, вели дека мамографот e произведен 1984 година, во 1996 година бил донесен како донација од невладина организација на Одделението за ренгенологија. Се расипал лани откако почнал неконтолирано да зрачи, па не бил безбеден ни за пациентите, ниту за вработените. Тогаш им било препорачано воопшто да не се поправа затоа што е многу стар и не се знае дали воопшто ќе се најдат делови, туку да се купи нов.
„На исто мислење сме и ние, затоа што квалитетот на снимките што ги дава стариот мамограф ни приближно не е ист со оние што ги дава совремните дигитални мамомати, кои постигнуваат висока резолуција. Меѓутоа, голема ставка во буџетот на една болница е да купи еден таков апарат, добар мамомат или мамограф, чини од 100 до 120 илјади евра и повеќе. Дури и организации кои се познати донатори кога ќе ја чујат сумата велат дека тоа е прескапо. Парадокс е што многу помали општини имаат мамограф, па се обидовме да го побараме да ни биде даден на користење додека ние да добиеме нов, но тоа не беше прифатено бидејќи биле донација и не сакаат да ни ги отстапат. Добивме ветување од Министерството за здравство дека ќе добиеме нов мамограф или мамомат“, вели Захариева.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека веќе е распишан тендер за три мамографи, кои се предвидени за Кумановската болница, Здравствениот дом во Крива Паланка и Железничката амбуланта во Скопје.
„Искрено се надевам дека ова ќе го завршиме во најкраток можен рок, без никакви компликации во самата постапка. Ако сè биде како треба до крајот на септември и почетокот на октомври, мамографите ќе бидат во овие центри, а дополнително ќе распишеме постапка за уште три за другите центри во Македонија“, рече Филипче при пуштањето во употреба на првиот Центар за заштита на жртви од сексуално насилство во Куманово.
Зградата во која е сместено амбулантата за ренгенологија е стара, па лекарите очекуваат дека Министерството за здравство покрај новиот мамограф ќе одвои средстава и за нови простории.