Меѓународна награда за едукативен филм доби учителка од Куманово
Јелена Мандиќ, одделенски наставник во ООУ ”Вук Караџиќ”- Куманово освои трето место на Меѓународен училишен фестивал на креативни едукативни филмови “КРЕФ” - Просветни оскари 2017 во Центар за култура Лесковац, Србија.
Во силна конкуренција над 30 едукативни видеа во категоријата ЕДУ филм “Сосема различни за иста цел” кумановската учителка успеја да се избори за високо признание.
“Преку својот едукативен филм прикажав дека математичките игри се одличен начин за вежбање на собирање и одземање. Преку креативни и творечки идеи со ресурси од секојдневието:шишиња, капачиња, канчиња, гравчиња, стиропор и др., учениците низ игровни активности се поактивни, поангажирани и полесно ги решаваат математичките задачи. Со цел да се обезбеди креативна и забавна средина како стимулација за учење не ги вклучивме клупите, таблата и класичните столчиња за седење, и од класична средина на учење направивме креативна и опуштена односно учење на под. Се одлучив за повеќе покуси кадри кои доволно објаснуваат што се прави во моментот, но не се задржуваат долго за да станат здодевни за оној кој подоцна ќе го гледа филмот„- изјави Мандиќ.
Оваа година фестивалот “КРЕФ” се одржува по втор пат, а се натпреваруваа училишта и градинки од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Фестивалот е од меѓународен карактер, акредитиран од страна на Министерство за образование и наука на Србија и Министерсво за култура на Србија. Сите учесници се стекнуваат со акредитирана меѓународна диплома која соодветно се вреднува.
“КРЕФ” се наоѓа на европска листа на млади филмски фестивали. Нивните автори се Весела Богдановиќ од Македонија и Зоран Илиќ од Лесковац.
На фестивалот присуствувале гости професори, уметници и продуценти со филмови како педагошко средство во наставата и глумата во образованието.