Младите повеќе да ја почитуваат НОБ, порачуваат борците
Преживеаните борци, кои застанаа на браникот на слободата во Народно-ослободителната борба очекуваат младите повеќе ја почитуваат НОБ, бидејќи нејзините учесници се вградија во создавањето на македонската држава.

Денес кога се слават 76 години од Денот на народното востание, кога во Куманово и Прилеп пукнаа првите пушки и започна четиригодишната борба против фашистичкиот окупатор, борците сметаат дека НОБ ќе остане светла точка во македонската историја, бидејќи го исполни вековниот стремеж на Македонците за создавање на сопствена држава.
Еден од борците од НОБ, Драги Јовановски-Дедо, истакнат општествено политички работник, кој еден мандат бил и претседетел на Собранието на Куманово, функција на денешен градоначалник, сега има 90 години. Поради здравствени проблеми тешко се движи и повеќе е врзан за постела, но со одлична меморија и јасна мисла со задоволство раскажува како на 15 годишна возраст се приклучил на револуционерното движење во кумановската гимназија, а 1944 година заминал во партизани на планината Козјак. Во борбите низ Македонија изгубил четворица другари.
„Во 1941 година се одржала т.н. Мајска конференција на КПМ за Куманово на која е донесена одлука за дигање на вооружено востание во Македонија. Македонскиот народ и народностите масовно се приклучиле во НОБ и во ослободување на земјата. Во првите партизански одреди заминале околу 40 борци во Карадачкиот и Козјачкиот партизански одред, а 10 од нив загинале во првите борби. Во кумановско имало 7700 учесници во НОБ, загинале 850 од кои половина во борбите, а останатите биле стрелани од окупаторот. Куманово даде и 7 народни хероји“, - вели Јовановски.
Дедо се сеќава кога се кренале против фашизмот во програмата на КПЈ и посебно заложбите на Јосип Броз Тито, биле македонскиот народ да добие држава и да биде рамноправен со останатите југословенски народи.
„Не беше како сегашната држава, но во многу нешта таа држава беше далеку поквалитетна од оваа денеска. Републиките беа во ранг на една држава, освен меѓународните односи“, - раскажува со гордост Јовановски.
Поради големите жртви и пролеаната крв за татковината, преживеаниот борец смета дека е недозволиво што во изминатите 26 години државата наместо да развива го уништила и она што тие го создавале во повоениот период.
„Ние борците немаме нешто против против осамостојувањето на Република Македонија, тоа е нормален процес во еден општ хаос на растурање на Југославија, ама ни една политичка партија за овие 26 години не успеја да води политика со која македонскиот народ тргнувајќи од политичкиот, културниот, образовниот и економскиот живот ќе се развие на повисоко ниво. Ние во сите овие години стагнираме. Политичките партии не направија економски развој. Дури направија крупни криминали дејанија. Македонскот народ во последните години наместо да расне економски се оддалечува, младите немаат работа и масовно се иселуваат, другите земаат бугарски пасоши. Паднавме на најниско ниво во Европа. Тоа е изневерување на нашата револуција, тоа е деградација на еден народ“, - вели Јовановски.
Иако е навлезен во десетата деценија, Јовановски со внимание ја следи политичката состојба во државата, чита весници и следи телевизија, па вели дека многу му пречи што се настојува да се смени историјата да се обезвредни значењето на НОБ и да покаже дека комунизмот бил погубен за народот.
„ Политичарите лажно ја претставуваа историјата. Комунистите ја создадоа Република Македонија, но имаше еден далеку подемократски систем на владеење. Јас да ви кажам сите лопови во Македонија во тоа време што краделе е помалку од сега колку што еден украл. Сега е раширен таков криминал што неможе да се сфати“, - се чуди Јовановски.
Дедо вели дека е срамна положбата во која се наоѓаат борците од НОБ во Македонија, кои се ставени на маргините, без простории за работа и уништени споменици, но вели дека и самите се криви што не се избориле за подобар статус додека биле побројни.