Моторџиите однесоа подароци во Дневниот центар
Моторџиите од мото клубот „Мечки“ денеска ја организираа акцијата „Дедо Мраз на мотор“ и однесоа подароци во Дневниот центар за лицата со посебни потреби.

На корисниците на Дневниот центар им подарија новогодишни пакетчиња и санитарија која им е потребна. Во акцијата се вклучија стотина моторџии не само од Куманово, туку и од Скопје, Свети Николе и други градови.
Дојдоа да ни помогнат во акцијата, да бидеме побројни. Ја носиме нашата донација, која претходно ја договоривме со шефот на Дневниот центар, што им е потребно. Видовме пример од интернет дека во западните земји ова се случува, поконкретно од Хрватска видовме пример и сакавме да го спроведеме во реалноста, чисто за да покажеме дека моторџиите не се лоши луѓе како во филмовите, туку се нормални луѓе како сите“-изјави Јовица Гиновски, претседател на „Мечки“.
Родителите на децата рекоа дека ваквите настани придонесуваат за социјализација на нивните деца.
Една ваква акција многу значи за нашите деца во Дневниот центар. Излегуваат, низ градот се шетаат. Моторџиите многу се успешни, доаѓаат секоја година. Децата сакаат вакви нешта, да им подадат рака, да соработуваат“-вели Сузана Петковска, родител.
Во Дневниот центар има 26 корисници со посебни потреби, а со нив работи тим од шест луѓе. Акцијата „Дедо Мраз“ на мотор се одржува осма година по ред.