На Куманово му е неопходно прифатилиште за кучиња
Здружението за заштита на животни „Љубов и дом“ бара од локалната самоуправа да отвори прифатилиште за бездомни кучиња.

Идејата веќе e пренесена на градоначалникот Максим Димитриевски, кој дал поддршка за реализација на проектот.
„Веќе двапати разговаравме со градоначалникот и има интерес се изгради прифатилиште во општината. Да се згрижат повеќе кучиња, а бездомните да се стерилизираат. Се надевам дека ќе успееме во иницијативата затоа што градоначалникот доста не подржува, а имаме подршка и од ветеринарите и комуналната инспекција“, - изјави Марина Петковска, од Здружението Љубов и дом.
Како една од локациите каде има простор и услови за отворање на прифатилиште за кучиња се напиштените простории на поранешниот интернат во Земјоделското училиште „Киро Бурназ“ во селото Долно Којнаре.
Проблемот со кучињата скитници е присутен во целата држава, па општините во Југоситочниот регион се договориле наредната година да градат две прифатилиште во Струмица и Гевгелија, и проблемот со кучињата скитници да биде прв на приоритетната листа за што ќе формираат и регионално јавно претпријатие за таа намена.
Стационар за кучиња ќе се гради и во Штип.
„Досега општините секоја посебно го решаваше овој проблем и за едно куче плаќаа и по 10 илјади денари за заловување, третман, вакцинација и чипирање, кои повторно се враќаа во самите локални самоуправи“, - соопштуваат од тамошните општини.
Вчера на градскиот плоштад беше организирана акција за вдомување на миленичиња, и донаторска акција на која се собираа средства за помош на повредените животни.
„Кучињата главно се од улица или од луѓе кои ги чуваат, па ги напуштаат. Ние помагаме со тоа што објавуваме на нашата Фејсбук страна и ги вдомуваме низ вакви акции. Бројката на напуштени кучиња во градот е многу голема, а има случаи да ги носат и од селата и другите градови“, - додава Петковска.
Од Здружението апелираат до граѓаните кои чуваат домашни миленичиња да ги стерилизираат и кастрираат кучињата, а малите кученца да не ги оставаат на улица. Исто така, на овие ниски температури да им помогнат на животните со корка леб и да ги остават во влезовите на зградите.
Во вчерашната акција биле вдомени 5 кучиња.