Народни преданија за кумановските села
Овие народни преданија за Кумановскиот крај, настанати се како резултат на теренските (географски, антропогеографски и историски) истражувања во кумановскиот крај, кои ги имаат вршено неколку истражувачи во различни временски периоди.

Во оваа прилика ќе ги споменам најинтересните преданија кои се однесуваат за местата, села, стари тврдини, стари храмови, гробови и т.н.
Селото Војник лежи недалеку од вливот на реката Петрошница во Пчиња, покрај патот Куманово - Крива Паланка. До втората половина на 19 век, таму постоела најзначајната сообраќајна раскрсница во кумановската област, бидејќи по долината на реката Пчиња поминувал стариот пат Солун - Штип - Врање - Белград. Затоа жителите на с. Војник имаат предание дека крај нивното село некогаш постоел град Петрково. На местото од таа населба во нивите се пронајдени остатоци од разни старини.
Жителите на селото Алинце раскажуваат како во нивното село за време на турското владеење „давачките биле многу големи“ па населението тешко живеело. Поради тоа похрабрите мажи од Алинце еднаш на ридот Лисец и „убиле три турски порешџии“. Тие во овој крај дошле од Кратово. По споменатиот настан во Алинце дошла турска војска, со намера да ги казни селаните. Но, никого не затекла во населбата, бидејќи сите преку ноќ се иселиле некаде во околината на Самоков (денешна Бугарија).
Жителите на селото Брешко го имаат следново предание за минатото на својата населба. Прво таа била голема, имала 90 словенско-христијански домаќинства. Меѓутоа, селските жители еднаш му згрешиле на еден стар патник, не сакале да го пуштат во селото. Поради тоа биле проколнати, од 90 да останат само 9 домаќинства. Така и станало, па веќе многу години Брешко е најмало село во кумановскиот крај со само 9 домаќинства.
Северозападно од селото Бајловце се издигнуваат три возвишенија: Високо (873 м), Коселица и Верса. На нивните темиња има урнати ѕидови од некогашни тврдини. Според преданието, во тие тврдини престојувале три цареви: цар Висле, цар Коста и цар Верса. Меѓутоа, поради девојка, тие меѓу себе се судриле. Во судирот еден од царевите загинал и на неговиот гроб сега постои голем камен крст (место Падиште). Значителна е тврдината на возвишението Високо. Еден локалитет на него носи име Трговиште. Населението на Бајловце наведуваат дека тука некогаш бил најважен град во кумановската област.
На синорот од селото Стрновац постои месност Камилски пат. Лежи десно од коритото на р. Пчиња. Името го добила по некогашниот значаен пат, со правец Солун-Штип-Врање-Белград. По тој пат се движеле камили со товари, луѓе и жива стока. За потребите од сообраќајот околу патот имало ковачници. Не многу далеку од оваа место е локалитетот Јаничарски Дол.
Локалитетот Јаничарски дол се наоѓа во долината на реката Пчиња, недалеку од селото Пелинце. По таа долина како што рековме до втората половина на 19 век, водел дел од стар патен правец Солун-Штип-Врање-Белград. По тој пат оделе каравани со коњи, мазги и поретко камили. Носеле жито, ориз, волна, грозје и др. Населението на Пелинце наведуваат дека локалитетот го добил името, во онаа време кога по долината на Пчиња оделе „турски јаничари“.
Потегот Глобар се наоѓа во атарот на селото Никуљане, во средишниот дел на кумановскиот крај. Преку него водел пазарски пат во правец Куманово-Никуљане-Челопек - и понатаму селата во Козјачкиот крај. Се зборува дека топографското име настанало на следен начин: До 1912 година поединечни муслимански одметници тука ги сочекувале христијаните кога се враќале од Куманово. Им ги одземале парите кои ги носеле од продадената стока. Во грабежите на местото Глобар некое време се истакнувал разбојникот Љатиф од кумановското село Алгуња.
Во атарот на селото Тромеѓа, недалеку од Куманово, постои возвишение Ловќен. Името го добило околу 1920 год. кога во споменатото село се населувале колонисти од Црна Гора, Лика, Банат, Бачка, Пирот и други места од поранешна Југославија.
Локалитетот Мучи-баба се наоѓа во атарот на селото Челопек, а во подножјето на возвишението Челопечка кула (550 м). Народното предание наведува дека Турците, кога ја освојувале Кумановската област, тука ја мачеле некоја старица (стара баба) кои сакале да им го покаже тајниот влез во споменатата кула.
Кај селото Габреш и соседните села Скачковце и Кучкарево, кои се наоѓаат во југоисточниот дел на Кумановската област, до крајот на турското владеење, додека не пропаднале лозовите насади со старото лозје, тука водел така наречен Винарски пат. По тој пат се пренесувало вино од Тиквеш и Велес на југ за Србија на север. За потребите на винарските трговци, помеѓу Скачковце и Кучкарево постоел специјален ан.
Потесот Табиње се наоѓа на возвишението Борова чука, десно од Пчиња во атарот на селото Пелинце. По народно предание: таму турската војска на почетокот на 1878 год. копала ровови. Меѓу турските војници имало и Анадолци (од Анадолија), кои поради нешто починале во поголем број. Нивните гробови и денес се познаваат на споменатиот потес Табиње.
Селото Алгуња се наоѓа во северниот дел на Кумановскиот крај. Населениото на Алгуња еднаш убиле турски „беглаџија“, па поради тоа сите некаде биле одведени како робови. После неколку години од ропство се вратил само еден млад човек. Од него сега во Алгуња потекнува Робовска маала.
Ново Село во западниот дел на Кумановскиот крај спаѓа во релативно нова населба. Било основано на утрина кои во 1878 год. биле населени мухаџири од Бугарија. По тоа население, населбата се нарекувала Помачко Село. Имало околу 40 муслимански домаќинства. Во Првата Балканска војна 1912 год. еден дел од Помаците од Ново Село се повлекле со турската војска. Останатите се иселиле 1925 год. Сега во Ново Село воглавно живеат доселеници од Србија (околина на Пирот и Горна Пчиња).
Денешното село Черкезе во близината на Куманово, го основале народот „Черкези“ доселени од Бугарија 1878 год. Тие во 1864 год. после една неуспешна побуна против руската управа, морале од Кавказ да се иселат во соседна Турција, а турската власт еден нивен дел ги населиле на територијата на денешна Бугарија. Од тие Черкези т.е. од припадниците на племињата „Абаз“ и „Шапсо“, потекнувале домаќинствата во селото Черкезе. Во војните од 1912 до 1918 год. сето черкезко население се иселило во Турција.
До 1912 год., населението на селото Стрновац кое се наоѓа лево од реката Пчиња, често го напаѓале турците и албанците од другите кумановски села - Муталово, Сушево и т.н. Им одземале разноразен добиток „говеда, јунци, коњи и т.н“ Од напаѓачите на Стрновац, некое време селото храбро го бранел Вељан Капетан. Предок на денешниот селски род Јовановци. Тоа било околу 1890 година, и тогаш биле убиени околу 30 напаѓачи.
Со излагање на „еден дел“ од народните преданија во Кумановскиот крај, сметаме дека скромно смe допринеле за подобро запознавање за преданијата во нашата држава.
Филип Ѓошевски – Дипломиран географ