Народниот правобранител ќе прима поплаки на денот на изборите
Канцелариите на Народниот правобранител во Куманово, Скопје, Битола, Кичево, Струмица, Тетово и Штип, во недела на 15 октомври, на денот на одржување на првиот круг од Локалните избори 2017, од 7 до 19 часот ќе бидат отворени за граѓаните, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.
Освен лично во канцелариите граѓаните изборните нерегуларности ќе може да ги пријават и на телефонскиот број во Канцеларијата во Куманово на 031 431-488.
Народниот правобранител ја истакнува важноста на почитувањето на правото на слободно изразување на волјата на граѓаните, како едно од фундаменталните човекови права, што придонесува за создавање демократски и функционални институции за здраво демократско општество.
Во таа насока, Народниот правобранител апелира до сите, а посебно до надлежните органи, во рамките на нивните можности и надлежности да придонесат за спроведување избори во кои гласањето ќе се одвива слободно и непречено, во согласност со законот и доследно ќе се почитуваат човековите права.