Нови мерки за намалување на невработеноста
Невработените лица од Куманово до крајот на годината ќе имаат можност да аплицираат за новите мерки за вработување, самовработување и отпочнување на сопствен бизнис.

Во Центарот за вработување, во тек се три јавни огласи, од кои два се однесуваат на млади невработени лица до 29 години, а со третиот се опфатени сите возрасти.
„Статистиката покажува дека невработеноста кај младите лица до 29 години е во доста голем процент, значи 52 отсто од младите се невработени што е далеку над европскиот просек, кој изнесува 16 насто. Огласот се однесува на мерката отпочнување на бизниси за млади, како дел од програмата за предприемништво.Целта на оваа програма е да се охрабрат и подржат младите невработени лица до 29 години, да основаат сопствен бизнис или да го формализираат веќе постоечкиот, во следниве сектори: информациска-комуникациска технологија, прехрамбена индустрија, органско земјоделство, туризам, социјални услуги во домашни услови, - изјави Марија Димитријевска, в.д. раководител во Центарот за вработување-Куманово.
Со оваа мерка се планира да се опфатат 196 лица на ниво на државата, а ќе добијат грант во висина од 307.500 денари за набавка на опрема и репрометерјали, како и техничка и советодавна подршка од 137.940 денари. Дозволено е и формирање на партнерска фирма од две лица, кои ќе бидат корисници на програмата, при што на секој од нив ќе им бидат одобрени неповратни средства од 5000 евра.
Во вториот оглас предвидено е да се опфатат 250 невработени лица до 29 години, за развој на микро и мали претпријатија. Целта е да се прошират постоечките бизниси со отворање на нови работни места на млади лица до 27 години. Предвиден е грант од 153.750 денари неповратни средства за секое невработено лице.
Третата мерка се однесува на финансиска подршка за раст на микро, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Опфатени се 45 лица, со цел да се намали невработеноста преку потикнување на деловниот раст на фирмите, грантот е во висина од 205.000 денари до 615.000 денари.