Мени

Објектите на Спомен костурницата и Студена вода ќе се издаваат под кирија за туризам и угостителство

06.07.2026 11:19 | Сузана Николиќ

Општина Куманово ќе ги издава под закуп двата објекти кои се дел комплексите Спомен-костурница и Студена Вода, кои ќе можат да се користат за туристички, угостителски и други деловни дејности.

 

Објектите на Спомен костурницата и Студена вода ќе се издаваат под кирија за туризам и угостителство

Одлуките за давање согласност за издавање под закуп на деловните простории во сопственост на Општина Куманово, по пат на електронско јавно наддавање, беа донесени на последната седница на Советот на Општината. Предлогот го образложи раководителот на Секторот за правни работи, Иван Ангеловски.

„Станува збор за деловна просторија во рамки на Спомен-костурницата, која се состои од сутерен со површина од 26 квадратни метри и приземје од 62 квадратни метри, лоцирана на катастарска парцела 9190/1. Втората деловна просторија е со површина од 56 квадратни метри и се наоѓа на локалитетот Студена Вода. Двете простории ќе бидат дадени под закуп по пат на електронско јавно наддавање“, објасни Ангеловски.

Советникот Благојче Јаќимовиќ праша дали објектите, кои беа реконструирани со европски средства, можат да се издаваат под закуп и дали имаат статус на заштитено културно наследство.

„Зошто се издаваат овие објекти и дали предмет на закуп ќе бидат само деловните простории или целите комплекси, вклучувајќи ги и спортските терени? Дали во иднина ќе постои можност да се издаваат и останатите содржини? За Спомен-костурницата знам дека и терените и објектот беа реконструирани со европски средства“, рече Јаќимовиќ.

Ангеловски одговори дека не постојат правни пречки објектoт на Спомен костурница да се даде под закуп и дека предмет на јавното наддавање ќе бидат исклучиво деловните простории, а не и останатите содржини во комплексите.

„Немам информација дека станува збор за заштитено културно наследство. Според предлог-одлуката, просторот е со намена деловен простор, а согласно извршената проценка препорачани дејности се туристичко-информативен центар, административен простор, сувенирница, продажен простор, простор за организирање туристички и рекреативни активности, угостителски објект или кафе-бар“, изјави Ангеловски.

Советничката Марина Манојловска оцени дека Општината се одлучува на ваков чекор затоа што нема капацитет самостојно да ги одржува овие објекти.

Двата комплекса беа реконструирани пред околу пет години.

На Спомен-костурницата прво беа изградени спортски содржини во рамки на проект за прекугранична соработка меѓу општините Куманово и Гњилане, вреден околу 190.000 евра.

Дополнително беа обезбедени средства и за реконструкција на Спомен-куќата, која требаше да биде адаптирана во изложбен простор за експонати од културното и историското наследство на Куманово. 

Проектот „Уредување на излетничко место во рурална средина“ на локалитетот Студена Вода чинеше околу 200.000 евра. Средствата беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и од Општина Куманово.